Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје во соработка со Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк, по осумнаесетти пат го организираше процесот за доделување на наградата ДЕНЕС за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во Македонија до 35 години.
Наградата ДЕНЕС се доделува на годишно ниво на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување и е единствена награда за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во земјава од овој вид. Оваа значајна и независна награда, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited во 2025 година, од минатата година во која го одбележа и своето 20 годишно постоење, вклучува и други новини и резиденции. ДЕНЕС исто така овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен „Совршениот уметник“, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат ново дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата.
Отворениот повик траеше од 16 април до 31 мај, 2024 година и се пријавија дваесетина кандидати.
Жири комисијата во состав: Сања Анѓелковиќ, аудиовизуелна уметничка со седиште меѓу Нови Сад и Виена, добитничка на наградата Димитрије Башичевиќ Мангелос во Србија во 2023 година; Ксениа Нурил, историчарка на уметност и кураторка, директорка на галеријата на реномираното уметничко училиште Art Students League од Њујорк, САД и Ана Франговска, историчарка на уметност и кураторка, виш кустос во Националната галерија на Република Македонија и претседателка на АИКА – Македонија, избраа тројца финалисти кои понатаму ќе се натпреваруваат за наградата.
Во изборот на тројца финалисти влегоа:
– Јован Јосифовски
– Марко Гутиќ Мижимаков
– Ивана Самандова
По овој процес на избирањето на финалистите, следува подготовка на групна изложба со нивни дела која ќе се отвори на 19 ноември 2024 год. во Национална галерија на Република Македонија – Мала станица во Скопје, а жирито ќе го/ја избере и добитникот/добитничката на наградата која подразбира двомесечен престој во Њујорк во Residency Unlimited (RU) во периодот август – септември, 2025 година.
Досегашни добитници на наградата ДЕНЕС се: Ѓорѓи Десподов/ Клелија Живковиќ/ Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.
Творештвото на Јован Јосифовски е многу привлечно и по својата материјалност и по својата концептуална основа. Медитирајќи над радостите и несигурноста на квир животот во постјугословенскиот контекст, Јосифовски се фокусира на средствата за бегство, судирите меѓу црквата и државата, како и за распространетоста на физичкото насилство врз локалната ЛГБТИ заедница во различен опсег на медиуми, од инсталациска уметност и скулптура, до текстил и колаж. Се чини дека уметникот е водечки глас во уметноста од овој домен, и жирито со нетрпение очекува да го види неговото дело изложено како финалист за оваа престижна награда.
Творештвото на Марко Гутиќ Мижимаков се издвојуваше поради паметната игра помеѓу интимната (субјективна) и објективната (заедничка) семиотика на звуците и симболите, како и неговиот карактеристичен аудио-визуелен јазик. Меѓурелациските структури на неговите дела се тие што ги прават привлечни.
Ивана Самандова e младa визуелнa уметница која користи мулти и трансдисциплинарен пристап мешајќи или надминувајќи ги границите на традиционалните и современите техники, вклучително и сликарството, цртежот, објекти, дигиталната уметност (видео, дигитални принтови) и инсталацијата, за да истражи сложени теми на идентитет, наследство и меморирање, екологија, сложеноста на човековите врски итн. Нејзиниот пристап е издржан, комплексен, повеќеслоен и концизен. Успева одлично да ги презентира своите истражувања и успешно го изготвила своето професионално портфолио.
Јован Јосифовски (1993) е македонски квир уметник, во моментов со седиште во Скопје. Тој студирал на Факултетот за ликовни уметности на отсекот графика. По неколку групни изложби, тој дебитираше со својата прва самостојна изложба „Низ ножици“ во 2020 година како дел од Викендот на гордоста Скопје, Фестивал за квир уметности, култура и теорија. Првично употребувајќи го цртежот и колажот како примарни медиуми во неговите рани самостојни изложби, уметничките техники на Јосифовски еволуираа. Секоја следна самостојна изложба вклучува различни пристапи, како што се експериментален текст, лични предмети или инсталации, демонстрирајќи разновидна и трансформативна уметничка практика. Во 2021 година во соработка со Џули Толентино и Стош Фила беше дел од перформансот „bury.me.fiercly.“ во Музејот на современа уметност Скопје, што го означи неговиот прв потфат во перформативната уметност. Во неговата прва уметничка книга „I used to be a lovely boy but turned out queer?“ и втората самостојна изложба „Will you tell them?“ и двете во соработка со PrivatePrint Studio во 2022 година, беа истражени поимот квир и неговата социо-политичка феноменологија, рефлектирајќи на неговиот живот како квир личност во мал конзервативен град. Неговата трета самостојна изложба „Еластично насилство“ во 2023 година беше заснована на истражување на животот на постарите геј мажи од руралните области во Македонија. Во текот на годините има изложувано во институционални и вонинституционални локации.
Марко Гутиќ Мижимаков (1992) е визуелен, перформанс и текстуален уметник кој живее во Брисел. Тој е заинтересиран за начини на обликување на сетилни материјали преку интимни, соработнички и социјални процеси. Своите изведби ги гледа како шпекулативни технологии на заемна преобразба. Од мај 2022 година до септември 2023 година беше дел од центарот за уметнички истражувања a.pass Advanced Performance and Scenography Studies во Брисел. Негувајќи ја врската со колегите уметници, тој често соработува со колективите queerANarchive, KikMelone и DISCOllective, аудиовизуелните уметници Ника Печарина и Карен Неа Нилсен, и танцовите уметници Соња Преград, Лана Хосни и Марин Лемиќ. Неговите дела биле прикажани, изложувани и изведувани во Музејот на современа уметност Загреб, V2 Институт за нестабилни медиуми Ротердам, Центарот за современа уметност Подгорица, Градскиот музеј на Љубљана, Музејот на современа уметност Скопје, D2 Kunstraum Лајпциг, GMK Загреб, МКЦ-Младински културен центар Сплит, Кино Култура Скопје итн.
Ивана Самандова (1997, Скопје) е интердисциплинарна уметница со седиште во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во 2020 година, на отсек сликарство под менторство на Слободанка Стевческа. Нејзината уметничка пракса се фокусира на процеси на набљудувања и истражувања, за кои преку интердисциплинарна уметничка пракса (нови медиуми, звучни пејзажи, сајт-специфик инсталации) ги истражува темите на социо-политичките контексти, преиспитувајќи ги структурите, однесувањата, динамиките на моќ и интерконекциите помеѓу одредени заедници во општеството или пак, индивидуалните. Добитничка е на наградата „Борко Лазески“ за иновативни сликарски постигнувања во 2021 година и во чии рамки ја реализира својата прва самостојна изложба „Сите мали нешта – Микрокосмос“ (2021) склучена помеѓу Факултетот за ликовни уметности и Музеј на град Скопје. Својата втора и трета самостојна изложба ја реализира заедно во соработка со Ана Трајковска (визуелна уметница) во две етапи: „FLUX“ (2022) партиципативна изложба во Отворено графичко студио при Музејот на град Скопје и „FLUX:Surfacing“ (2023) во КИЦ-Културно информативен центар. Својата четврта самостојна изложба „Odd On The Inside“ (2023) ја реализира во Монтажна/мобилна галерија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.