Во изминативе 32 години државните политики се поразувачки на секое рамниште. Сферата на културата е еден од оние општествени слоеви кои се наоѓаат на најниското, деградирано општествено скалило, стои во писмената реакција на на ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена за резултатите од конкурсот на Министерството за култура за поддршка на проекти од национален интерес за 2024 година.
Партиската девастација на општествениот и политичкиот систем која континуирано, а можеби и координирано, во последниве две децении ја прават трите партии (ВМРО – ДМПНЕ, СДСМ и ДУИ), изразено со зборовите на Горан Стефановски, ги достигнува просторите на „дуплото дно“ и на „црната дупка“. Ова општество е како зграда која има арматура од цврсто коруптивно плетиво (ментална и финансиска корупција), на која се надоврзуваат тули од песок, кои, кај и да е, ќе предизвикаат рушење на зградата под чии урнатини ќе се затрупаат сите нејзини станари, кои и онака се фрагментирани, понижени, приклучени на респираторни апарати, и кои секако, во овие триесетина години, заборавија не само што значи заедница, туку и што значи достоинство, автономија и интегритет.
Наративот низ кој се согледува ваквиот општествен пејзаж кулминира со резултатите од овогодинешниот конкурс на Министерството за култура за поддршка на проекти од национален интерес. Секој кој бар ја прочитал основната литература за културна политика и кој бар малку ги разбира современите концепти на културната и на уметничката продукција (а очекуваме дека оние кои се назначени на раководните инстанци во едно Министерство за култура тоа го направиле), ќе разбере дека културниот капитал, современата култура и културното наследство се еднакво важни во кошницата каде што припаѓаат политичкиот и економскиот капитал. Особено во земја како Македонија – земја која е на работ од опстојувањето, земја која одамна ги изгубила сите вредносни вертикали, земја од која масовно се отселуваат младите луѓе, земја во која веќе три децении таканаречените политички елити систематски ја уништуваат елементарната политичка култура, а идејата за заедница ја дават во вир полн со жива кал.
Резултатите од овој конкурс, како и на многумина конкурси претходно, покажуваат дека ние и понатаму остануваме клиентелистичка култура, дека никому не му е грижа за развојните културни политики, дека бескрупулозно се распределуваат и онака малкуте средства одвоени од бруто домашниот производ кај партиските и пријателските клиенти. Разултатите од конкурсот покажуваат дека државата не знае што е современа култура, не знае што е профитна организација, што е непрофитна организација, што е институционална, а што е вонинституционална култура, а уште помалку знае и воспоставува вредносни вертикали и насоки во развојот на современата уметничка продукција. Единственото што го знаат е кој е партиски блиску или далеку, кој им се допаѓа, а кој не. Сѐ е фасада како што беше и до сега.
Како и кому се распределуваат средствата од трезорот покажува какви културни политики има. ВМРО – ДПМНЕ имаше највисоки буџети за култура – знаеме зошто. Стануваше збор за сериозни криминални дејствија и за концептот на „владеење“ и „политичка манипулација“ преку културата.
СДСМ, како и секогаш, се целосно незинтересирани за оваа општествена страта. Тие воопшто не го разбираат влијанието и значењето на културата во општеството. По инерција, таму некаде на маргините, успеаваат да ги остават нештата во институционалната и во вонинстутуционалната култура на маргините, во статус кво, што е еднакво на криминално и неодговорно однесување.
Ја повикуваме министерката Бисера Костадинова Стојчевска, детално да ги ревидира средствата на доделениот конкурс. Стотици организации и индивидуалци од независниот културен сектор се повторно доведени во прекарна позиција, а нивната продукција е проголтана или од непознати организации со апсурдна содржина или од партиски клиенти или од продукција со комерцијален карактер, или од нерелевантното одлучување на комисиите и на кабинетот на министерката, која знаеме, според Законот за култура го има последниот збор.
Резултатите од конкурсот на Министерството за култура за поддршка на проекти од национален интерес за 2024 година, покажуваат дека сме заробени во централизирано политичко одлучување – до денеска ниту една од партиите не сакаше да се согласи да се укине дискреционото право на министерот за култура за носење конечни одлуки за распределбата на средствата за годишната програма. Комисиите имаат советодавна улога, а како се бираат и одредуваат воопшто не е транспарентно. Но, на крајот од денот министерот/министерката ја носат конечната одлука.
Тоа е тажниот крај на нашата општествена слика и драма за културните политики, велат од ЈАДРО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.