Отворена е изложбата „Цртеж, експериментален цртеж“, која Друштвото на ликовните уметници на Македонија ја организира секоја година, како дел од официјалната годишна програма. Изложбата оваа година се организира по осми пат, што го покажува постојаниот интерес на современите уметници за изразување во ова специфично ликовно подрачје.
– Имаме особена чест, што изложбата „Цртеж, експериментален цртеж“ оваа година се реализира во куќата на доајенот на македонската ликовна уметност, сликарот Борко Лазески. ДЛУМ дополнително ја воведува и темата – можност за осврт кон делото на Борко Лазески со идеја да се поттикнат современите автори за истражување и создавање сопствени дела во релација со цртежите, но не и делото на еден од основоположниците на македонската ликовна уметност. Уникатна можност за синергија помеѓу авторите и просторот во кој творел и живеел нашиот великан Борко Лазески, чие творештво останува да инспирира и поттикнува – велат од ДЛУМ.
Изложбата има цел да овозможи простор за презентација на дела каде што границите на традиционалниот цртеж се поместуваат, повлекуваат и преобликуваат во нови изразни форми.
– Оваа изложба го слави иновативниот дух на уметниците, кои се осмелуваат да ги предизвикаат конвенциите на медиумот, презентирајќи разновидна колекција на експериментални цртежи, кои ги предизвикуваат очекувањата и ги повикуваат гледачите да откриваат нови можности на ликовна креација. Во оваа ера на огромни можности на комуникација, уметниците постојано бараат свежи начини на изразување. Цртежот, со својата вродена едноставност и разноликост, служи како плодна почва за експериментирање. Од намерното обележување на моливот до спонтаните гестови на јаглен, секој потег на празната хартија е можност да се истражува, да се поставуваат прашања и да се користат нови материјали и техники – додаваат од друштвото.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.