Во Галеријата „Метаноја“ во соработка со „Здружение за култура – Транзен“ ќе биде отворена изложбата „Несовршен простор 7“ со наслов „Созерцанија“ (Христијанските симболи во современата ликовна уметност) во која учествуваат десет македонски уметници. Настанот е во галерија „Метаноја“ во четврток 24 октомври 2024 година од 19:00 часот на ул. Максим Горки бр. 19 во Скопје.

Трагите кои ги остава 2000 годишната Христијанска естетика во ликовната уметност, во мигови проблеснува низ делата на уметници чии творештва се делумно или понекогаш целосно посветени на транседентните теми, метафизички и мистични искуства поврзани со ликот на Исус Христос и неговите ученици и следбеници. Уметноста на верата им пркоси на времињата во кои владее материјалистичкиот свет.

Преку ранохристијанските базилики, мермерните иконостаси, симболизмот во мозаиците и релјефите, глинените икони од Виница, средновековното црковно сликарство кое блеска низ вековите со својата неповторлива убавина, иконите од Охридската и Пелагониска школа, дрворезите од барокниот преродбенски период, низ постимпресионистичките дела на основоположниците на предвоеното модерно македонско сликарство, преку опусот на Кондовски и Владимир Георгиевски, иако поретко, христијанските одблесоци се сè уште присутни во делата на современите македонски ликовни творци. Со оваа изложба сакаме да ги потенцираме токму тие ретки одблесоци.

Во чест на творештвото на професорот Владимир Георгиевски, оваа година изложбата ,,Несовршен простор” ќе ја третира темата на Христос и христијанството.

На изложбата ќе биде опфатен дел од творештвата на современи уметници кои воспоставиле личносен однос и контакт со философијата и светлината на христијанството.

Изложбата ќе биде поставена и реализирана во Галеријата Метаноја.
Учесници на изложбата се Томе Мишев, Новица Трајковски, Трајче Чатмов, Андреј Митевски, Синиша Новески, Тони Попов, Милош Милосавлевиќ, Никола Пијанманов, Владимир Илиевски и Стефан Младеновски.
Рецензент на изложбата е д-р Коста Милков.
Жирито за овогодинешната награда ,,Владимир Георгиевски” се Сергеј Андреевски, д-р Коста Милков и Фросина Георгиевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.