На јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“, вечер – 17.07.2024г. (среда), ќе биде отворена изложба на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) насловена „Скопски урбани приказни“ во 20:30ч. во Куќата на ДЛУМ (Илинденска бр. 63).

Куратори на изложбата се Уметничкиот совет и Маја Чанкуловска Михајловска.

Дом…

Базирајќи ја идејата на годинешното издание на „Скопски урбани приказни“ врз поимот „дом“, почетните асоцијации сугерираат директна врска со конкретниот простор – куќата во која после седум и пол децениско работење е сместено Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

Еманирајќи од познатата сентенца на нобеловецот Нагиб Махфуз – „Домот не е каде што си роден, домот е каде што сите твои обиди за бегство престануваат“, премисата „дом“ како место, живеалиште или засолниште, е проширена на повеќе слоеви на исчитување, но и чувствување. Во повеќето толкувања, кои можат да се и антагонистички, присутни се следните моменти: флуктуација на домот – (не)статичноста на просторот каде се поврзуваат и интерконектираат минатото со сегашноста и иднината, (не)постојаноста или (не)променливоста на истиот, реалноста и имагинацијата, присуството и отсуството…

Домот како (не)постоечки реален или апстрактен простор на поврзување со личните, семејните или општествените фрагменти и референци, но и пошироките наративи (како што е примерот за „неистражената“ историја на „новиот“ дом на ДЛУМ) е простор на интимни доживувања, но и поттикнувач на критичка корелација со политиките на заедницата и општеството, вклучително и глобалните миграциски политики и кризи. Уметниците Ана Ивановска, Доротеј Нешковски, Шќипе Мехмети, Сашо Блажес, Марина Лешкова, Давор Кешкец и Сокол Марковски, преку различни медиуми и инакви перцепции ги претставуваат своите толкувања за Домот не само како физички димензионирана структура, туку и како (ин)директно чувство на припадност, опуштеност и сигурност, како простор кој ја дефинира идентитетската определба, утопијата, реалноста.“

– Маја Чанкуловска Михајловска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.