Во македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул, Турција, на 24 октомври ќе биде отворена изложбата „Пукнатини/трансформации“ на македонскиот уметник Благојче Наумоски. Проблемот со кој се занимава авторот во својот најнов проект се пукнатините и трансформациите.

„Преку овие дела, јас го истражувам она што се наоѓа под или зад содржината, а тоа се самите пукнатини насекаде околу нас. Тоа, за мене, претставува предизвик за експериментирање со мешање на техники, деконструирање, трансформирање и др. Интересот, меѓу другото, ми е насочен кон создавање бинарни опозиции: позитив – негатив, полно – празно, вдлабнато – испакнато и ефектите што се создаваат, инсистирајќи на нејасната граница помеѓу илузијата (на насликаното наспроти дигиталното) и реалноста во рамки на геометризмот“, вели Наумоски.

Проф. д-р Гордана Вренцоска, пак, посочува дека делата на Наумоски, со своите колоритност и свежина, ни најавуваат радост и повторно креативно будење по долгата и исцрпувачка пандемија.

„Гледаме експлозија на бои и своевиден спој на графика, невербален плакат и на сликарство. И покрај изразениот дигитално-графички израз на делата, тие прикажуваат богати текстури што не ја губат сликарската суптилност“, вели Вренцоска.

Наумоски (1985) од 2007 е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Во 2009 година стана член на групата Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т и активно учествува во сите нејзини проекти. Од 2015 е член на колективот АД АКТА. Моментално е вонреден професор и продекан на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет на Република Македонија. Има изложувано во повеќе земји, како и на повеќе ликовни колонии. Во изминатиов период има реализирано осумнаесет самостојни и повеќе групни изложби.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.