Изложбата на Државниот архив на Македонија „120 години од Илинденското востание- архивска меморија“, е поставена во Фоајето на Центарот за култура – Битола и истата може да се посети до 3. ноември.

По нејзината официјална промоција на националниот празник Илинден (2023) во Крушево, а подоцна и во Охрид, Демир Хисар и во Музејот на македонската борба во Скопје, изложбата е во нашиот град.

Истата содржи над 300 архивски документи и фотографии прикажани на 21 изложбено пано. Документите се дел од архивските фондови што се чуваат во Државниот архив, а се превземени од архивите во Истанбул, Софија и Белград.

Авторите на изложбата се обидуваат да ги прикажат континуираните напори на Државниот архив во повеќе од 70-годишно постоење да дојде до нови факти содржани во архивска документација за македонското револуционерно движење формирано од крајот на XIX век, кое пак ќе резултира со организирање и кревање на Илинденското востание на почетокот на XX век.

Документите се во форма на микрофилмови или ксерокскопиран архивски материјал. Документите говорат многу суштински за: Македонската револуционерна организација, нејзиното создавање, церемониите на заколнување на членството, дисциплината и солидарноста на движечката сила на Организацијата, целокупната структурна поделеност, познатите војводи и револуционери, подготовките за Илинденското востание, текот и клучните вооружени борби со турската војска, последиците и активностите кои следувале по востанието, конзулските известувања, светскиот интерес прикажан во печатените медиуми, затворените и амнестирани илинденци, заложбите на македонското население во зачувувањето на меморијата за големата саможртва, за АСНОМ – вториот Илинден со кој се темелеше македонската државност, почитта кон преживеаните илинденци, законите за Илинденска споменица и илинденска пензија, за овековечувањето на илинденските војводи со споменичните обележја итн.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.