Во Уметничката галерија „Станислав Доспевски“ во Пазарџик, на 17 октомври (четврток) 2024 година, со почеток од 18:00 часот, ќе се одржи отворањето на ликовната изложба „Пред екранот“, составена од дела на 21 автори од Македонија и Бугарија.

Структурата на претставените автори се состои од три дела. Првиот дел го сочинуваат авторите од неформалната група „Конекција“, тоа се ликовните уметници од Македонија, кои живејат и работат во Бугарија: Маријана Иванова, Зоран Мише, Марјан Ѕингаров, Перица Георгиев – Пепси, Кољо Мишев, Павел Целкоски и д-р Иво Пецов, којшто е иницијатор и куратор. Втората структурна единица ја оформи кураторот Горанчо Георгиевски со македонските современи уметници: Жанета Вангели, Ирена Паскали, Моника Мотеска, Ѓорѓе Јовановиќ, Зени Балажи, Вана Урошевиќ и Иванчо Талевски. Третиот дел од седум бугарски современи автори го состави д-р Сузана Николова и тоа: Богдан Александров, Елизар Милев, Емил Бачијски, Иво Бистрички, Карина Попова, Свилен Стефанов и Слав Недев.

Овогодишното издание на проектот „Поврзување“ на македонскиот КИЦ во Софија ја претставува изложбата „Пред екранот“, преку која го поставуваме ликовното творештво и градивниот човечки импулс над разединетоста, поларизацијата и воинственоста во светот.

Појдовната замисла на изложбата „Пред екранот“ беше да ги стави на фокус информативните техники и технологии, како и начинот на нивното користење. При изборот на делата требаше да се размислува за современата техника, преку која добиваме информација, којашто најчесто е во редактиран, инстант вид.

Значителен дел од нашите животи поминуваат пред екран. Вшмукани од информативната содржина често животот протекува како на екран. Во ерата на технологијата и информацијата, човекот е како култура за обработка, како поле на кое се сеат различни туѓи претстави и се одгледуваат од самиот човек како свои. Во време кога говориме за информација и дезинформација, од каде произлегува нашето мерило за вистината? Дали сме сигурни дека сме ги граделе своите претстави на базата на информацијата и не сме биле дезинформирани? Кој го искривува или крши огледалото на општата реалност, за да ја гледаме истата во толку многу варијанти, кои дури се исклучуваат една со друга? Дали знаеме кој нѐ води низ лавиринтот на животот, правејќи ги своите избори, или сето тоа се само надворешно уфрлени програми, а ние не сме нешто повеќе од машини, кои се потчинуваат на своите програмери и механички делови?

Тоа беа прашањата на кои уметниците се обидоа да ги дадат своите визуелни одговори, а тие беа реализирани во најразлични ликовни техники: масло на платно, акрил на платно, комбинирани техники, графики, изработени со примена на класичните графички техники, дигитална графика и печат, скулптури од метал и стакло, фотографии, просторни и видео инсталации, како и звучна уметност. Важен дел од делата беа создадени конкретно за оваа изложба.

Изложбата „Пред екранот“, по нејзиното прво претставување во Пазарџик, ќе може да биде видена и од софиската публика, од 17 декември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.