Во Центар-Јадро во понеделник (13 февруари) од 20 часот ќе биде отворена изложбата на уметничкиот проект „Човеколики неволји“.
Се работи за партиципативен проект составен од видео перформанс, звучен пејсаж и инсталација.
Авторка е Ивана Мирчевска, а учествуваат Ангела Манчевска, Дијана Велковска, Ивана Самадова, Јован Гаковски, Кристијан Стефановски, Риџет Ферати и Кристина Крстеска.
„Превземјаќи ја оптиката на Земјата како историска фигура и дискурзивно битие, проектот се повикува на локалните еколошки предизвици, истражувајќи ги проблематичните граници меѓу формите создадени од човекот и нечовечките нешта. ‘Човеколкиувањето’, или, антропоморфизирањето, претставува културна практика на припишување човечки карактеристики на Земјата, најчесто женски атрибути, однесувања и појави. Всушност, денешниот дискурс кој ја објаснува тековната состојба на Земјата преку поимот на ‘Антропоцен’ (ера во која човечкото влијание доминира врз природниот тек на процесите на природата) има човечки лик“, стои во најавата.
Проектот поаѓа од интеракцијата на учесниците со нивните не-човечки алтер-ега: водени тела, воздух, обликоменувач, мицелиумска мрежа, почва, коски и желка.
Истражувајќи форми на меѓутелесна комуникација, вмрежување и заедништво, помеѓу учесниците и алтер-егата, како и помеѓу алтер-егата кога делуваат заедно, проектот обработува разни форми на уметнички процес и продукција, проселедени со посета на локални индустриски урнатини (поранешната фабрика „Стаклара“ и населбата „Керамидница“), антропогените шуми како Гази Баба и Марково Крувче, неолитската населба Tумба Маџари, базенот на Езерото Треска и пермакултурната градина Бостание.
На алтер-eгата им приоѓаме како човеколки неволји. Како објекти со антропоморфни карактеристики кои произлегуваат од проблематичната интеракција помеѓу луѓето и околината. Kако поглед или средба заснована на неможноста за меѓусебно разбирање, препознавање на едни со други, понекогаш со страв, почесто со доминација и понекогаш со задоволство, се вели во најавата.
Преку користење на текст, објекти, телесни движења и гестови, инстаграм филтри и звучна медитација, како и преку препознавањето на нашето ограничено разбирање за алтер-егата, тие самите ја трансформираат нашата желба за припишување човеколки карактеристики.
Создадените алтер ега нѐ покануваат да ги прифатиме човековите сетилни и технолошки граници, во пресрет на заедничката прекаријатна еколошка сегашност“, стои во најавата.
Соработници: Ишјан Твин, Маја Цибрева, Амир Карахасан
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.