Изложбата на цртежи „Летаргија“ на Ангел Коруновски ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во Музејот на градот Скопје. Зародок на концептот на изложбата се глобализацијата, пласирањето лажни информации и вредности и потценувањето на луѓето и нивните способности.

Осознавањето преку брза информација без потковување на знаењето, кое изискува време и истражување, преставува глобален проблем во целото општество, кое се движи во погрешен правец, комплетна капитализација и вреднување материјални добра како основен идентитетски печат кај единките. Живееме во време на брзи вистини, поддадени и наложени вредности, нема индивидуалност, луѓе слични што функционираат како бинарен број што е зададен да создаде една наметнато поставена слика. Делата на изложбата се сурови, искрени и голи како нужна потреба на отсликувањето на општеството, впрочем нели културата е образ, огледало на времето и општество во кое живееме? Цртежите се работени во комбинирана техника, каде што тушот и перото се појдовна точка, додека алатките како Прокриејт и Фотошоп прават кулминација во создавањето на една монументална творба во дигитален формат. Се надевам дека публиката ќе ужива во едно негување на класичниот начин на творење преку фундаментот на ликовниот начин на изразување – цртежот репрезентиран во нов начин на презентација како дигитална монументална уметност – вели уметникот Ангел Коруновски.

Изложбата ќе трае до 23 октомври. Промотори на изложбата се Сашо Димоски и Јасмина Намичева. Дизајнот е на Лазе Трипков.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.