Во фоајето во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга во сабота ќе биде отворена изложбата на фотографии „90 Години веслачки клуб Црн Дрим – Струга“. Изложбата ја приготвил и уредил Коста Хиохи, долгогодишен член на клубот, кој за големиот јубилеј ја напишал и монографијата „Веслачки клуб Црн Дрим“.

Пред публиката, како што информира Хиохи, ќе бидат претставени околу 300 фотографии од сите периоди на постоењето на клубот, некои важни настани кои го навестиле формирњето, свеченото отворање, првите веслачи, натпреварите и активностите на клубот низ текот на годините, во време на кралска Југослвија, предвоениот период, СФРЈ, активностите по независноста до ден денешен.

Ова е навистина важен јубилеј за нашиот клуб, но секако и за градот Струга, бидејќи ретко кој друг град може да се пофали со жив клуб, кој корените ги влече од пред речиси еден цел век. Честа да ги прибере и селектира овие фотографии ми припадна мене следствено на големата потрага која ја реализирав за потребите на монографијата. Благодарение на моите стружни, но и неколкуте клубови и федерации од соседството успеав да соберам преку петстотини фотографии од кои за оваа изложба селектирав 300, изјави Хиохи.

Веслачкиот клуб е формиран во далечната 1933 година како истурена секција на веслачкото спортско друштво „Југ“ од Белград, за по само една година да биде реформиран во засебен клуб под името Црн Дрим. Својот активен статус го задржува низ годините, по сите општествено, политички случувања до ден денес. Моментално во клубот членуваат 30 активни веслачи од сите старосни категории.

извор: OhridNews

фото. МИА/Архива на Коста Хиохи



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.