На 14 ноември, четврток, во 18.30 часот во ликовниот салон на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложба на дела од ликовната колонија Дрен 2024.
На изложбата ќе бидат претставени 30 дела од уметници од земјава и од странство кои твореа на 16 – та колонија „Марко Цепенков – Дрен 2024“ која се одржа од 8 до 13 август 2024 г.
И годинава уметниците работеа на слободна тема и создадоа нови уметнички дела што ќе бидат дел од богатата збирка на Центарот. Посетителите ќе можат да ги видат делата од Петја Ѓеоргиева од Бугарија, Небојша Станков, Среќко Здравковиќ, Јована Ѓуриќ, Немања Вучковиќ, Милица Алимпиќ Илиќ од Србија, Радица Лелова Докузовска, Александар Таневски, Светлана Попова, Суарта Луфи, Ангел Коруновски, Валентина Стеваноска и Слободан Милошески од Македонија и прилепчаните Тони Чатлески, Марјан Стојаноски, Столе Дурланов и Никола Димески.
Колонијата се реализираше со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам.
Со отворањето на изложбата и концерт на ФИА ТРИО, ЦК „Марко Цепенков“ ќе одбележи 45 години од своето формирање.
Овој роденденски месец веќе се реализираа десетина концерти, а следуваат уште концертот на октет Прилеп (15.11), концертот „Пијан славеј“ (на 20.11.), проекција на филмови, изложби, театарски претстави и одбележување на 70 години од издавањето на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.