Во сабота 15.07.2023 во 20 часот во Куќата на Робевци ќе биде отворена изложба на дела од еден од најзначајните македонски ликовни уметници – Владимир Георгиевски (1942-2017).

Владимир Георгиевски е роден во Скопје, на 1 јуни 1942.

Во 1963 матурирал во Училиштето за примена уметност во Скопје. Истата година ги започнал студиите на Ликовната академија во Белград, каде и дипломирал во 1968. Постдипломски студии завршил на истата академија, во класата на професор Младен Србиновиќ. По враќањето од Белград во 1972, го раководел уметничкиот оддел при Младинскиот културен центар (тогашен Дом на млади ’25 мај’).

Меѓу 1980 и 2012 беше професор по цртање, сликање и пластично обликување на Факултетот за архитектруа во Скопје. Една деценија во 1990тите, предаваше и естетика на простор, историја на модерна уметност, како и сценографија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Беше професор и на Факултетот за аудио-визуелни уметности во Скопје.

Неговите сценографски и костимографски решенија беа дел од многубројни театарски претстави и неколку домашни играни филмови.

Добитник е на највисока државна награда за животно остварување во областа на уметноста и културата. Неколку пати е наградуван и за неговата работа во театар.

Негово дело, портрет на Ф.М. Достоевски, рељеф, е поставено во Музејот на Ф.М. Достоевски во Санкт-Петерзбург во ноември 2012.

Почина во родниот град, на 25 мај 2017.

Негови дела се наоѓаат во приватни збирки во Македонија и надвор од неа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.