Програмата на фестивалот АКТО 18 за октомври, под името: Попаметен град 3.0 – Феникс или Апокалипса? предвидува едукација, изложба, проекција на филм и разговори и сето тоа испреплетено низ архитектурата, уметноста, филмот, театарот… а инспирирани од нашата грижа кон другиот и просторите помеѓу.
На 13 октомври (петок) во 19 часот во амфитеатарот на Архитектонски факултет ќе биде прикажан документарниот филм „Витиќ танцува“ на концептуалниот интермедијален уметник Борис Бакал и уметничката организација „Фрлачи на сенки“ посветен на дваесетгодишната борба на станарите за обновување на Витиќевиот облакодер во Загреб, инаку ремек-дело на модернистичката архитектура, која на тој начин станува метафора на целото општество.
Филмот преку архивски снимки и сведоштва на поранешни и сегашни жители на Витиќевиот облакодер, архитекти, активисти и други инволвирани се обидува да воспостави свест за инфраструктурата во служба на заедницата. Тоа е зграда во која се рефлектираа сите клучни општествени моменти и несогласувања. Вреден и долго запоставен споменик на културата, Витиќевиот облакодер истовремено е и показател за систематска негрижа кон социјалистичкото наследство, но и за парадоксот на поранешниот систем. Нормализацијата на клиентелизмот и корупцијата, недоволниот капацитет за домување во Загреб, систематското запоставување на јавните простори и отсуството на урбанистичко планирање се теми што се рефлектираат во филмот.
На 21 октомври (сабота) во 12 часот, во Киното на Железничка станица, ќе биде отворена изложбата „Попаметен град 3.0 – Феникс или апокалипса?
Потпирајќи се на претходното разбирање на архитектурата како метафора на општеството, со „Попаметен град 3.0 – феникс или апокалипса?“ „Фрлачите на сенки“ нè провоцираат со прашањата: „Како да се ангажираат луѓето и нивните заедници за време на природни катастрофи?“, „Каде да се најде солидарност за време на катастрофа?“ и „Што ако отсуствува таков човечки однос?“ Користејќи го Скопје како референтна точка, изложбата прикажува фотоколажи од градот – каков е денес и каков беше пред земјотресот, архивски филмови за периодот по земјотресот и многубројни монографии и книги за скопската „апокалипса“, како и неговиот подем како „феникс“.
Партнери на АКТО 18 се Институт за театар од Чешка/Прашко квадриенале за дизајн на перформанс и простор(PQ), ЗК/У-Берлин – Институт за уметност и урбанизам – Берлин, ИЗОЛАТЦИА –Киев, Украина, Shadow Casters (Загреб), Архитектонски факултет – УКИМ Скопје.
АКТО 18 е поддржан од Министерство за култура на Република Македонија, Trust for Mutual Understanding New York, Фондацијата „Хајнрих Бол“,Институтот „Гете“, Европската Унија – проект „Острови на сродство“, проектот „Активен ГРА(Д)/ѓани“ и проектот „Не сакаме да бидеме ѕвезди туку делови од соѕвездија“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.