На 15 јули 2022/ петок/ од 20.30 ч. во Ликовната галерија ќе биде отворена изложбата „Случајни средби“ од Дијана Томиќ. Изложбата финансиски е поддржана од Министерството за култура. ( 15.07 до 28.07.2022).

Податоци за изложбата „Случајни средби“

 

Нештата не се исти кога сме на своја, домашна територија и кога сме во посета, во минување, на туѓа, територија која не е наша. Поточно, нештата се безмалку исти или барем многу слични, но кога не нѐ засегаат директно полесно и поинаку ги забележуваме и восприемаме. Некој таквите состојби ги меморира умствено, некој ги зачувува на физички медиум, најчесто низ фотографии или видео записи или пак со молив на хартија, во миговно настанат кроки цртеж или скица. Дијана Томиќ-Радевска спаѓа во втората група.

Една дестинација никогаш не е само место, туку нов начин на гледање на работите.
(Henry Miller)

Ако патувањата се богатство на неоткриени светови, за мене се нови енергии низ авантурите на безначајни средби и непознати јазици. Ако е тоа еден нов амбиент, за мене станува еден нов свет. Особено секојдневниот кадар, човекот и неговата осаменост или пак осаменик во толпата.
Фотографирам и исцртувам кроки цртежи и скици на нови лица, фигури во од, сцени од случајни но и ,,намерни” средби, а ги колекционирам веќе неколку години. Низ овие фази на забележувањето на ,,средбите” започнува истражувањето на социолошкиот и антрополошки момент, барајќи ја сопствената логика на одбраниот миг на забелешка.
Во разработката на скица-цртежите, создавам нови цртежи и графики, а низ нови медиуми (дигитални отпечатоци, преработени фотографии) експериментирам со техниките на графички печат. Дигитално обработувајќи ја оригиналната фотографијата ја трансформирам во графички лист низ комбинација на висок печат и дигитален печат и комбинација на висок печат со сито печат.
Сцените од меморијата од улицата низ кроки цртежи ја дополнуваат приказната на краткиот циклус на размислување, занемарувајќи го местото на сцената или пак видливо ја асоцирам локацијата во друга композиција.

Во овој кус, но исклучително прецизан опис на работниот процес, Томиќ-Радевска ни го дава одговорот на претпоставеното прашање: дали „постарите“ техники – не само графичките – се застарени? Дали е нужно во совремието да се изразуваме само и исклучиво со технолошкиот јазик на новото доба за воопшто да бидеме разбрани? Поточно, нужна ли е дигиталната обработка на фоторафиите, сама по себе? Томиќ-Радевска со години наназад го истражува и експериментира со полето на дигиталната манипулација. Притоа, ниту може, ниту пак сака, да ги запостави техниките кои ја дефинираат како автор – цртежот и графичкиот пристап. Впрочем, во денешно време кога сѐ е дозволено и сѐ е во игра романтичниот допир нанесен со сигурна рака добива поинаква, дури елитна вредност. Иако почетната замисла претпоставува што е можно поедноставно решавање на идеите, спонтано пренесување на ликовната форма, понекогаш линијата се компликува, се заплеткува, сеизмографски ја бележи миговноста на состојбата. Широкопотезното графичко акцентирање на позадината има за задача да ја воспостави рамнотежата, да ја смири сцената. Најпосле, преплетувањето на техниките и занаетите е во духот на денешното постмодерно, глобалистичко време чија основна карактеристика е миграцијата: на техники, на занаети, на знаења, на луѓе, на занимања…

Но, кои се ликовите што дефилираат во оваа серија на дела? Овојпат, непознати, случајни личности кои од некоја причина го привлекле вниманието на авторката. Творештвото на Дијана Томиќ-Радевска најчесто е исполнето со конкретни, добро познати лица од нејзиното потесно семејно окружување. Дури и кога тие лица се далечни, понекогаш и непознати, сепак се дел од семејното стебло. Дали туѓите лица се само оддишка од семејните врски – најчесто многу силни – или, напросто, го отсликуваат социјалниот свет на авторката? Оној друг свет што излегува вон прегратката на семејната сигурност и што води кон замаглени лица и состојби, социјални, но и технички? Друга реалност. Поинаква интимност.

 

Го создавам мојот избор на интерес надвор од традиционалните социосимболични системи (Роси Браидоти, ,,Номадски субјекти”). Тоа се ликови од моите колекции на скици, цртежи и фотографии од некои мои патувања, како посвета на обичниот човек, оној од улицата, оној надвор од специфично потекло и корен. А, сите тие имаат некоја слична судбина, се поклопуваат можеби нивните можни идентитети. Субјектите се поврзани низ сопствената личност и општеството, нивната култура и амбиентот, независното потеклото, но тие се прилагодени во културата на новиот опстанок, во процесот на прилагодувањето.

Најпосле, нештата кои ги согледуваме, неретко токму преку лицата кои ги среќаваме и кои нѝ го привлекуваат вниманието, се општествено политичките и економски состојби за кои, можеби, сме сметале дека „таму некаде“ се поинакви од оние со кои секојдневно се соочуваме. Но, не се. Случајните личности, случајните средби, сцени или состојби, можеле да настанат било каде. Оттука произлегува и моменталното „препознавање“, дури и интимност со субјектите кои се предмет на оваа серија дела, дури и кога нивните лица се затскриени.

 

Состојба на несигурност, на исчекување или на сонување за недосегнатите „височини“. Состојба која не дозволува животот да биде едноставен. „Животот“ е дефиниран со недостижни модели, со одреден „начин на живот“ чија недостижност го создава и го зголемува јазот помеѓу оние кои се „предодредени“ да бидат на страната на посакуваниот модел и оние кои се принудени да се чувствуваат како губитници бидејќи не успеваат да станат дел од елитните 1%. Од друга страна, пак, од преостанатите 99% се гради „реалниот“ економско-политички модел на посакуваниот граѓанин – достапен, прилагодлив, послушен, како водечки пример на современиот капитализам. На тој начин се храни вака осмислениот систем.

Ликовите во делата на Томиќ-Радевска директно или индиректно посочуваат на современата прекаријатна состојба. Луѓе кои немаат постојани рабoтни места, работат повремено, кога ќе успеат да најдат работа (некаква), а за кои современата економска политика измисли „пригодна“ терминологија заснована на „флексибилноста“ на работните односи. Основна карактеристика на прекаријатот е особеноста на производствените односи која луѓето ги доведува во ситуација да прифаќаат несигурни, непостојани, слабо платени работни обврски. Самиот збор ги спојува поимите несигурност (precarity) и пролетаријат. Суштински, прекаријатната состојба се однесува на сите кои во голема мерка или во целост останале без заштита на работничките права, но и без социјална и здравствена заштита, принудени да прифаќаат секаков вид работа, со флексибилен распоред и работни задачи, секогаш достапни и без постојани и стабилни договори. Оттука, флексибилноста, пред сѐ, се однесува на можноста за флексибилна експлоатација. (види: „General Theory of Precariat“, во Foti, A. (2017). General Theory Of The Precariat: Great Recession, Revolution, Reaction. (Theory on Demand; No. 25). Institute of Network Cultures. Стр. 11) Впрочем, прекаријатноста го дефинира работниот статус а не конкретни професии или сектори, иако, во најголем број случаи, се поврзува со уметностите, медиумите и генерално културната индустрија.

Случајните средби, поточно состојбите на кои случајно налетувала и посакала да ги овековечи Дијана Томиќ-Радевска иако делуваат токму така: случајно, во себе го содржат скриеното чувство за припадност на слична, блиска, недефинирана групација на луѓе, распространети насекаде низ светот. Недефинираното, но јасно изразено чувство е видливо и во описите кои ги дава авторката, како и во групирањето на графичките листови и цртежи:

– Играчи со оган-баскери – Нивната радост во изведувањето, перформансот како стил на живот, безгрижноста во номадскиот стил на живот и прашањето на припадност или не-припадност. Прашањето за релативноста на задоволството, на несигурноста и моќта на слободата.

– Чуварите на благото – Оние невидливи кустоси во музеите кои расправаат за уметноста живеејќи со најголемите дела на уметноста. Карактеристичните ликови кои ме испровоцирале низ карактеристична композиција, физикус, посветеност во разговорот и нивната искреност во почитувањето на уметностите.

– Вистински Французин – Одредени портрети поврзани со доживеана комуникација. Потеклото и припадноста, дали е тоа суштествено во односот човек-човек. Антрополошки препознатливи карактеристики кои се менуваат испреплетувајќи ги датотеките на сопствените корени.

– На улиците – Сцени од улиците, минувачи, моја слободна фантазија за припадноста и убавината на движечката енергија. Оние кои се бунтовници по став, оние кои се страдалници и кои се на улиците не по своја воља.

– Под земја – Сцени од метро станици и оние кои голем дел од денот (животот) го поминуваат под земја, патувајќи, чекајќи. И тука се случува испреплетување на јазици, култури, знајни и незнајни и за на крајот, истите тие туѓинци делат слични судбини.

– Нови генерации – Фигури и ликови кои се фотографирани во галериски простори како загрижени посматрачи, но во мојата композиција тие стануваат дел од уметничкото дело или инсталација. Фигури во ,,стуткана” форма како најудобна за одмор, но и понизност пред богатството.

Низ подлабока анализа, Ги Стандинг, на пример, сумира три подвида/групации на прекаријатна припадност, кои, сами по себе, посочуваат на конкретни опасности за општеството. Атависти, оние кои припаѓале на работничката класа, ги загубиле работните места, а воедно го чувствуваат уривањето на тој вид заедници и се подложни на неофашистичкиот популизам. Носталгичари, составени од мигранти и малцински групации, презрени од претходната групација и подготвени да работат било што за да преживеат. Третиот подвид го сочинуваат Прогресивците, главно млади и образовани, соочени со неисполнети ветувања за подобар живот. Денес политичкиот потенцијал на прекаријатот претставува загрижувачка, дури „опасна класа“, пред сѐ за плутократите кои се на врвот на пирамидата, која може да доведе до сериозни општествени трансформации. Уште позагрижувачки е што луѓето кои влегуваат во било која прекаријатна категорија претставуваат огромна опасност за самите себе, бидејќи состојбата на хронична несигурност и немањето основна општествена заштита води до високи стапки на смртност, самоубиства, но и уривање на семејните и сите останати социјални односи.

Во духот на Црвената експлозија (или атомска бомба), на Енди Ворхол, од 1963 година, Дијана Томиќ-Радевска го обработува велосипедот кој низ спиралното умножување станува сѐ помал. Иако во моментов ниту „црвената експлозија“ не делува премногу далечна, напротив, сепак да се обидеме да останеме позитивни? Имено, ниту велосипедот кој ни го прикажува авторката не се смалува до исчезнување. До вчера им служел на пролетерите да отидат на работа. Денес главно служи за забава, но може да ве однесе и до работното место. Доколку го имате. Дали тоа обично превозно средство може да стане симбол на капиталистичките односи во 21. век? Односи во кои спротивставеноста помеѓу пролетаријатот и буржоазијата е заменет со новиот пар, прекаријатот и олигархиско бирократската номенклатура?

Прашањето е поставено: да ги жалиме или да ги прежалиме?

Сафет Ахмети и Дијана Томиќ-Радевска

 

Дијана Томиќ Радевска(1961), Скопје е мултимедијална уметничка и дизајнерка. Работи на графика, цртеж, сликарство, артинсталација, артвидео и дизајнер. Посветена е на графиката и низ класични техники, дава друга перспектива на уметноста на графиката, експериментирајќи со различни техники во монотипијата и објект-графика.Дипломирала во 1984 година на одделот график аи графички дизајн на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

 

Член е на ДЛУМ од 1985 година. Студиски престој во Дрезден при Отворено графичко студио во1997година. Од 1999 година е Официјален витез на Академијата “Greci Marini”, Вербано, Италија,оддел за уметност. Член и оснивач на групата Круг. (1985-2000). Диплома и Златен медал на галеријата Модиљани во Милано (1996). Награда Љубомир Белогаски со група КРУГ (1996). Претседател на Ликовен совет на ДЛУМ (2019-) Предавала уметност во СУ ИХС год. од 2007 до 2017год. Изработува дизајни за уникатни рачно ткаени теписи и килими за Комрад-Дизајн од 1993-2019. Ликовен уредник на фестивалот Slovo Kult/СловоКулт, во Гевгелија и Скопје (2018,2020) и куратор и организатор за македонските уметници за Берлин (2018,2020).

Учествува на повеќе ликовни колонии во Македонија. (1996-2020). Ликовна колонија во Битола и Букурешт, ,,Нови сведоци на Холокаустот”. (2013,2015)

 

Номиниран дизајнер на Artisans Enterprise, Вашингтон ДЦ, State Department. (2015)

Ангажмани на различни еко проекти, самостојно и со мали креативни компании.

 

Курирала повеќе групни и самостојни изложби за галеријата “Акантус”воСкопје(2018- ).

Работи и има статус на самостоен уметник.

Повеќе од  30 изложби во Македонија и во странство: Скопје (1998,1992, 1995, 1996, 1998, 2002, 2005, 2010,2012, 2016, 2017, 2021); Охрид (1988, 1992, 1995); Гевгелија (1985); Куманово (1995), Прилеп (2011, 2016). Битола (1999, 2003),Белград (2009), Загреб (1999, 2012), Милано (1996); Берлин (2006), Њујорк (2006); Фриментал (2000), Мастрихт (1997); Ахен (1998); Рим (2021).

Учествувала на повеќе групни изложби во Македонија (Скопје, Битола, Гевгелија, Штип, Куманово, Кичево, Охрид, Тетово, Прилеп, Слоештица) и во странство (Букурешт, Виена,Подгорица, Берлин, Шамалие, Варна, Софија, Париз, Краков, НовиСад, Белград, Ваљево,СентНиклаас, Дрезден, Офенбах на Мајна, Сан Ремо, Фалун, итн.)



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.