Љубителите на ликовната уметност во Гостивар вечерва (9 декември) ќе имаат можност да присуствуваат на отворањето на изложбата на дела од уметниците Трајче Чатмов и Спасе Перовски. Изложбата е насловена „Од спознанието до…“.
„Ако според филозофијата и психологијата спознанието или когнитивност е процес на одразување на стварноста на човекот кое вклучува повеќе процеси кое во психологијата се однесува на психолошките финкции на индивидуата, а во социјалната психологија општественото спознание се однесува на групата. Изложбата на која се претставени Трајче Чатмов и Спасе Перовски носи наслов „Од спознанието до…“, при што трите точки на крајот тенденциозно оставаат просторот за различни исчитувања, како што се различни сензибилитетите и авторскиот ракопис на двајцата уметници. Спасе Перовски издвојува фрагменти од животот, ги сецира на рамниште на микроуниверзуми со аморфни, накај кружни до строго геометриски форми и ги претставува во најчесто смирен земјен тоналитет (со контрасти на сина) врз монохромна позадина, до фрагменти на актови и фигурација. Сликите на Трајче Чатмов, пак, изобилуваат со сложени композиции со експресивна динамика и нагласен колорит во вриеж од разнобојни линии кои ја дефинираат формата на фигурите и нарацијата која се движи од интимни моменти до митолошки и религиозни сцени. Впрочем, од формално гледиште, веројатно единствената нитка која ги поврзува двајцата уметници и пријатели веројатно е (с)познанието односно познавањето од најрана возраст, при што секој е засебен и различен еден од друг во креативните процеси според Аристотеловата изрека „Спознанието на себе си е почеток на сета мудрост“, пишува во каталогот Маја Чанкуловска-Михајловска.
Сликите на Чатмов се работени во техника акрил на платно, додека Перовски користи комбинирана техника.
Отворањето на изложбата, која се организира со поддршка на Општина Гостивар, е со почеток во 19 часот во малата сала на Центарот за култура АСНОМ – Гостивар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.