Излегоа резултатите од конкурсот за Годишната програма на Министерството за култура со која се поддржуваат проекти од национален интерес во културата. Министерството за култура ги поддржало сите 10 предложени проекти. Се работи за проекти кои се класици од светската и македонската книжевност, задолжителна лектира во основните и средните училишта. Арно ама во годината кога се одбележуваат 200 години од измислувањето на Брајово писмо, Македонија повторно нема да добие ниту една книга, зашто комисијата која одлучувала за проектите во издавачката дејност нема поим за какви изданија се работи, колку е сложена и скапа нивната изработка. Па доделиле замислете (!), по 74.000 денари! Само еден примерок од изданијата(во повеќе томови) чини од 1000-1500 евра. Ако не верувате, погледнете во прилог колку чинат во Србија, кога самиот сојуз на слепите ги изработува, кои имаат свои преведувачи, коректори итн, и е земја каде печатењето е најевтино во цела Европа, велат од Издавачкиот центар Алденаран Струга.
Не е дека не знаеле колку чинат, зашто до Министерството сме испратиле бројни дописи, жалби по однос на минатогодишниот конкурс, при што им испративме ценовници од Србија и Хрватска, колку за увид. Точно знаеле што прават од комисијата, зашто знаеле дека ќе ги одбиеме, како што ги одбивме минатогодишните проекти, кога беа малку подарежливи, па доделија по околу 100.000 денари. Се жалевме до второстепената комисија, но залудно. Место да добиеме повеќе средства, ние добивме уште два од одбиените проекти, и така од одобрените осум, на крајот не беше реализиран ниту еден, зашто не можеше ниту преводот да се плати, не пак да се печатат. Не се тоа комерцијални изданија, па ние да кофинансираме и да си ги повратиме вложените средства. Можевме две години да покриваме повеќе од половината од потребните средства, но не можеме тоа да го правиме и натаму, и покрај обидите да развиеме свесност во општеството за потребата и да се обидеме сите по малку да споделиме од трошоците, за овие драгоцени книги да ги добијат новите генерации читатели кои се служат со Брајовото писмо. А ќе ги добиеја за првпат. Овие книги одамна требало да бидат направени, па и Министерството за труд и социјална политика, но и Министерството за образование и наука требало да ги обезбедат. Но тоа е долга и срамна приказна.
Кога во 2022 се направи мал исчекор од страна на Министерството за култура, сесрдно го поздравивме, очекувајќи дека конечно ќе се променат работите. Но минатата и оваа година станува јасно дека тоа било само инцидент, не и свесност и знак дека се промениле работите.
Се прашува ли некој во таа комисија која одлучувала, како е тоа можно тие да доделат само 74.000, а издавачката куќа да достави 5 задолжителни примероци до НУБ “Свети Климент Охридски”, плус дополнително примерок до Министерството за култура, а сето тоа да чини повеќе од 10.000 евра?
Што ли си мислеле со ова? Знаеја, барем на тоа не можат да се вадат. Зарем вака ќе ја одбележат 200-годишнината од измислувањето на Брајовото писмо?
Срамота за ова Министерство,
Бисера Костадиновска Стојќевска! Барем да одобревте една книга како што треба, барем ќе излезеше. Очигледно е дека сте сакале да се пофалите со многу одобрени проекти, ама да не ги поддржите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.