Во Културно-информативниот центар (КИЦ) – Скопје на 25 јануари (четврток) во 19 часот, во Салон „Империјал 2“ ќе се одржи промоција на книгата „Вовед во славистиката“ од Емил Ниами. Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Димитар Пандев и проф. д-р Красимира Илиевска, а модератор на промоцијата ќе биде проф. д-р Мишел Павловски. Книгата е издание на „Ми-Ан“.

Книгата „Вовед во славистиката“ е прва ваква книга во нашата во земја, а која се занимава главно со историјата на словенските јазици. Во неа е даден кус историски осврт на славистиката како наука, по што се дава и куса историја на Словените. Фокусот на книгата е ставен на описот на сите словенски јазици, како на живите, така и на мртвите, и тоа е направено на еден современ начин со многу полезни детали кои се важни во современоста.

Во книгата, исто така, има и дел којшто се занимава со обидите за создавање на сесловенски јазик од минатото до денешен ден. Со оглед на тоа што ова е прв ваков труд на македонски јазик, оваа книга може да биде од корист на широка читателска публика – на сите оние што се заинтересирани за словенските јазици, филолози, слависти, како и културолози, етнолози, историчари и слично, но и ученици, студенти слависти итн.

Емил Ниами (Скопје, 1977) е доктор на филолошки науки. Во 1999 година дипломирал на групите за руски јазик и книжевност и на американски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 2007 година го одбранил магистерскиот труд „Паронимите во македонскиот и во рускиот јазик“, а во 2010 година докторската дисертација „Антонимите во рускиот и во македонскиот јазик“.

До 2007 година работел во А1 Телевизија на различни позиции. Од 2007 до 2011 година предавал македонски јазик на МДУ „М.В. Ломоносов“. Автор е на првиот „Речник на паронимите во македонскиот јазик“ (2020), првиот „Речник на антонимите во македонскиот јазик“ (2021) и на првиот „Речник на хомонимите во македонскиот јазик“ (2022), а исто така е и автор и главен редактор на првиот „Речник на медиумската писменост“. Се занимава со теми од областа на лексикографијата, лексикологијата, социолингвистиката и традуктологијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.