Интерарт културниот центар во соработка со 11 партнери од поширокиот регион го започна проектот Moving Balkans (https://www.movingbalkans.eu/), како платформа за современ танц, која има за цел да ги обедини и поврзе младите танцови сили од Балканот.
Проектот е поддржан од Европската унија (ЕУ) низ програмата Креативна Европа и во него се обединети центри кои се бават со танц, и тоа: Артлинк фондација од Софија, Бугарија, која е и носител на проектот; Интерарт културниот центар, Скопје, Македонија; Студентски културен центар од Нови Сад, Србија; Ен-Кнап, Ценатр за урбана култура „Кино Шишка“ и Словеначката асоцијација на современи танчери од Љубљана, Словенија; Хрватски институт за движење и танц од Загреб и Хрватски културен центар од Ријека, Хрватска; „Албански танцови средби“ од Тирана, Албанија; Танцов културен центар „Унитива“ од Атина, Грција; Националниот центар за танц од Букурешт, Романија.
Мисијата на платформата е да го подигне современиот танц во регионот и да го позиционира конкурентно во Европа. Преку регионална партнерска мрежа, изложби, иницијативи за мобилност на уметници, работилници, ко-креации и активности за градење капацитети, има за цел да ги зајакне професионалците за танц и ја подигне свеста за енергичната танцова сцена на Балканот.
Во моментов во Скопје се пристигнати 22 танчери од земјите учеснички, кои заедно со македонските танчери, од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, во рамки на јубилејното издание на Танц Фест Скопје, ќе работат со професорите Џоан ван дер Маст од Кралскиот конзерваториум од Хаг, Холандија, Џорџа Д’Амико, танчерка, кореографка и професорка од Италија и професор д-р Рисима Рисимкин, деканка на Филмската академија при УГД.
На работилниците како гостин-корепетитор учествува и реномираниот музичар и член на Националниот ансамбл „Танец“, Ратко Даутовски, кој на перкусионистички инструменти ги придружува танчерите и создава извонредна атмосфера.
Работилниците опфаќаат изучување на современа танцова техника со професорката Џорџија Д’Амико, Лабан анализа на движење со професорката Џоана ван дер Маст и Креативен процес на создавање кореографија и интерпретација со професорката Рисимкин.
Проектот Moving Balkans ќе се одржува во следните три години и младите уметници од областа на танцот ќе имаат можност да учествуваат во различни настани, како ко-продукции, фестивали и работилници, со цел да се оформат, зајакнат и развиваат конекциите за да се подигне нивото на развој на современито танц во целиот регион.
На веб страната на платформата Moving Balkans објавен е Отворен повик, на кој ќе бидат избрани 10 современи танцови кореографии, кои ќе бидат претставени на првото издание на „Moving Balkans Contemporary Dance Showcase“ што ќе се одржи во Љубљана, Словенија; Ријека и Загреб, Хрватска, помеѓу 10 и 13 мај, 2025 година.
Фестивалот ќе ги прикаже продукциите од балканскиот регион и ќе понуди можности за средба, размена на идеи, интеракција со публиката и професионалците од областа на танцот, како и можност да се биде дел од новата уметничка мрежа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.