Експериментална монодрама „Пингвинот“, во среда во 20 часот ќе биде прикажана во книжарницата Литература во Дајмонд мол како дел од првото издание на фестивалот „Видик“ во организација на „Литература.мк“.

Монодрамата е авторски проект на Тамара Стојаноска и Лео Поповиќ, според текстот 𝘌𝘷𝘦𝘳𝘺 𝘉𝘳𝘪𝘭𝘭𝘪𝘢𝘯𝘵 𝘛𝘩𝘪𝘯𝘨 на Данкан Мекмилан, Џони Донахју и документарни материјали на Вернер Херцог. Концептот и режијата се на Тамара Стојаноска, а игра Лео Поповиќ.

Продукцијата е на Театар „Златен Елец“ Скопје

„Пингвинот“ е интерактивна експериментална монодрама во која заедно со публиката ќе се потсетуваме на обичните мали моменти за кои вреди да се живее. Претставата е работена според авторски текстови на тимот, 𝘌𝘷𝘦𝘳𝘺 𝘉𝘳𝘪𝘭𝘭𝘪𝘢𝘯𝘵 𝘛𝘩𝘪𝘯𝘨 на Данкан Мекмилан и Џони Донахjу и документарни материјали на Вернер Херцог. Со поврзување на сите овие материјали се фокусираме на теми околу менталното здравје, поточно депресијата и самоубиството и симболично ги поврзуваме сите овие интензивни чувства и со животинскиот свет и пингвините кои се едни од ретките животни кои што покажуваат знаци на депресија и суицид. Иако, сеуште не постои точен научен факт зошто пингвините во одреден момент се одлучуваат за таква постапка, не можеме, а да не чувствуваме поврзаност со овие животни кои можеби чувствуваат исто како нас. Претставата преку позитивни и комични моменти ја истражува комплексноста на тагата, генерациските трауми и растењето со депресивен родител. „Пингвинот“ ќе се надоградува со секоја нова изведба и интеракција со публиката и ќе отвора врата за дискусија и рушење на предрасудите за комплексноста на менталното здравје, се вели во најавата за претставата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.