Инсталацијата „Лицата на Франкофонијата“ на уметникот Давор Кешќец, поставена во излогот на Францускиот институт, ќе биде отворена и во текот на месец април.

Оваа поставка беше изработена специјално по повод одбележувањето на Франкофонијата, а во склоп на бројните активности со кои се одбележа месецот на Франкофонијата.

Младиот и талентиран уметник Давор Кешќец е роден во 1997 година, во Скопје. По средното образование во ДСУЛУД “Лазар Личеноски”- Скопје, тој продолжува со студии на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, а во 2020 дипломира на одделот за графика.

Истата година станува и член на Член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).Во 2019 година, тој ја добива наградата Young Art, во категорија сликарство за возрасна група од 21 до 29 години.

Кешќец, којшто е препознатлив по неговиот уникатен попарт стил и посебноста во уметничкиот израз, има изработено и неколку мурали. Има реализирано учества во најразлични проекти, како изработки на илустрации за веб апликација, изработка на дизајн за промотивни материјали и каталози, како и дизајн за автобуси.

Тој досега има реализирано повеќе групни изложби и неколку самостојни, како изложбата Once again во март 2022 во НУ центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, а потоа, во април 2022, со истата поставка се претставува пред скопската публика во КИЦ – Скопје.

Инсталацијата „Лицата на Франкофонијата“ беше инспирирана токму од принципите на Франкофонијата: францускиот јазик како заедничка нишка на сите земји членки на меѓународната организација на Франнкофонијата, потоа почитта на мирот, демократијата и човековите права, и на културниот и јазичниот диверзитет.

Инсталацијата се состои од 8 ликови, изразени низ специфичниот колоритетот којшто го користи уметникот за да ја изрази димензијата на Франкофонијата како процес во сите сфери на делување, меѓу кои и културата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.