Во галеријата „Марк Минјау“ во центарот на Брисел е отворена изложбата „100 мали слики“ на македонскиот уметник Киро Урдин, која ќе трае до 4 февруари. Станува збор за инсталација што ги соединува цртежот и сликарството, која подоцна ќе биде поставена и во изложбени галерии во Њујорк и во Токио.
Сликите работени во масло се собрани во една инсталација, како подвижна слика, која може да се разместува, компонира и декомпонира и притоа внатрешно да ги менува својата композиција, содржина и експресија. Цртежите се изработени во три временски периоди: кога авторот престојувал во Лос Анџелес, Њујорк и во Мајами, за време на неговиот престој во резиденцијата „Ел еспасио 23“ на музејот „Перез“, како и слики реализирани за време на пандемијата, кои главно се насликани во Белгија, а некои во Франција и во Африка.
Киро Урдин од 1982 до 1984 година работи како независен сликар во Франција, САД, Јапонија, Швајцарија, Шведска, Мексико, Белгија, Порторико, Филипини и во Тајван. Професионално слика од 1985 г., а веќе од следната година почнува со изложување на своите дела. Меѓу другите градови, изложувал и во Јокохама, Лос Анџелес, Лондон, Стокхолм, Братислава… Во 1988 година, Урдин заминува во САД. Негово најпознато дело е „Планетариум“, масло на платно на површина од 48 квадратни метри, кое е резултат на неговото двегодишното патување од 1996 година низ целиот свет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.