Големиот македонски мајстор на филмската музика, композиторот Љупчо Константинов почина денеска.
Константинов е автор на музиката за филмовите „Среќна нова 49“, „Македонска сага“, „Црвениот коњ“, „Тетовирање“, „Јужна патека“, „Хај-фај“ и други.
Од неговата песна „Еј ти, младо момче“ во изведба на групата „Индекси“, неговата наградувана и изведувана авторска музика се смета за македонско музичко богатство. Дипломирал на Музичката академија во Белград. Компонирал музика во играни, документарни и анимирани филмови, во голем број на телевизиски филмови, серии и драми.
Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои наградата „11 Октомври“ за животно дело во областа на културата и уметноста, „Златен објектив“ за 2023 година, која ја доделува Кинотеката на Македонија и многу други.
Константинов во 2019 година ја доби наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија која му беше врачена на јубилејното 40. издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.
-Станува збор за една исклучителна појава во македонската кинематографија, човек кој со посебна боја ги обои филмовите како „Среќна нова ’49“ и „Тетовирање“, филмови што македонската публика исклучително многу ги сакаше сите овие години. Тој има соработувано со Паоло Маѓели,Томаж Пандур, Мустафа Надаревиќ, Пенелопе Круз, Роберто Чули, Озрен Прохиќ, Бранко Гапо, Димитрие Османли, Столе Попов, Антонио Митриќевски. Потпишува повеќе од 35 наслови на филмска музика. Еден миг го имаше помалку на сцената, за сега на 76 годишна возраст да се врати на голема врата и работи во странство, рече тогаш претседателот на ДФРМ, Игор Иванов и додаде дека критериумите се многу високо поставени, но дека Константинов ги исполнува целосно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.