Со дефиле по Широк Сокак и со традиционалната изведба на Комитското на КУД Илинден, по 54 пат вчера светскиот фолклор се славеше на овој интернационален фестивал во Битола.
Над 1.300 гости од Македонија, Романија, Боливија, Јужна Кореја, Северен Кипар, Мексико, Турција, Србија и САД ќе настапат на многу локации низ градот, претворајќи ја Битола во отворена сцена. Ова е фестивал кој трае вкупно 13 денови, со одлчина претпрограма која опфаќа етнографски филмски фестивал, детски работилници и изложби, кои заедно со камерните и големите концерти прават бројка од 70 настани. Овој фестивал формиран пред повеќе од половина век како културно ехо на манифестот од 1903, како смотра на фолклорот во националните граници, денес ја живее светската слава како еден од најпознатите и најголеми фестивали препознати и сертифицирани од CIOFF (International Counsil of Organizations of Folklore Festivals and Folklore Arts) официјален партнер на УНЕСКО, формиран во 1970 година, кој работи за заштита, промоција и ширење на традиционалната култура на глобално ниво.
Големото дефиле на „Илинденски денови“ ја прокламира племенитата мисија на илјадници народни уметници да се преслика автентичната вредност на културното наследство на идните генерации. За градот домаќин и организаторот овој фестивал над половина век е печатот на нашиот идентитет. Место каде го споделуваме своето и го уважуваме туѓото во духот на Гоцевата мисла.
На платото пред Офицерски дом, беше свечено отворено 54. издание под мотото „ Уметноста на традицијата “ .
На церемонијата фестивалот за отворен го прогласи потпретседателката на Собранието како покровител на Илинденски денови Весна Бендевска.
Министерот Зоран Љутков, во своето обраќање истакна дека Министерството за култура и туризам во иднина значително ќе ја зголеми поддршката на фолклорните ансамбли со одвојување на поголеми финансиски средства за нивно функционирање, а со тоа одржување на македонската традиција
Во име на општина Битола се обрати градоначалникот Тони Коњановски.
“Илинденски денови” отсекогаш бил отворен круг за уметници, љубители на традицијата, нови кадри. Луѓето што го востановиле овој фестивал секогаш гледале подалеку, иако некои мислат дека гледале кон минатото, но минатото е секогаш учител за нашата иднина. Цели 54 години фестивалот настојува да ја продолжи традицијата живо да егзистира меѓу народот. Фестивалот во последните години целосно се отвори кон светот, благодарејќи на добивањето на сертификат на интернационален CIOFF фестивал и со тоа влезе во семејството на CIOFF.
“Овој фестивал буди носталгија, убави спомени и ги инспирира младите генерации да продолжат да творат и да се интересираат за фолклорот” истакна директорката на Центарот за култура Битола, Маја Андоновска-Илијевски кои се организатори на овој голем фестивал кој се реализира со поддршка на Министерството за култура и Општина Битола, а под покровителство на на Собранието на РСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.