Со настанот „Книжевната метафизика на Алесандро Барико: Метаморфоза на имагинацијата“, кој вклучуваше онлајн-разговор со авторот Алесандро Барико од Италија, синоќа во Скопје се затвори фестивалот на европска литература „Букстар“.

Италијанскиот писател доби специјална награда „BookStar“ X10 за исклучителни достигнувања во литературата. Меѓу другото, тој кажа:

И читањето и пишувањето се реални, дел се од животот. Нешто создаваш. И, ако денес треба да го преиспитам целото мое творештво, сите романи што сум ги напишал, не можам да кажам дека се работи единствено за бегство од реалноста. Не. Туку за специфичен, малку изопачен начин да се насели реалноста. Начин да се биде во реалноста, не да се бега од неа. Начин да се смени однатре. Од долу. Во суштина градиш светови. Кога пишуваш приказна за човек што го црта морето со морска вода, создаваш свет. Таа слика навлегува во колективната имагинација, како што навлегла во мојата. И тогаш светот станува поголем. И бега, веќе не може да го задржат. И мислам се работи за огромен труд да го изградиш тој свет, не само за бегство. Не само мој, туку бездруго и на моите читатели.

Разговорот со него го водеше Владимир Јанковски, а воведна реч имаше професорката Анастасија Ѓурчинова.

„Букстар“ во изминатите десет години се трансформираше во уникатен книжевен спектакл кој во четири фестивалски денови донесе полни сали и полни срца. Тоа е главниот впечаток на учесниците и посетителите на десетото, јубилејно издание на Фестивалот на европска литература, кој се одржуваше од 30 септември до 3 октомври под мотото „Метаморфозис“ или „Преобразба“ а во чест на стогодишнината од смртта на Франц Кафка. Покрај тоа, во исто време се одбележаа и 25 години од постоењето на издавачката куќа „Антолог“, организаторот на овој Фестивал.

Врвни европски автори донесе годинешниот фестивалот: Мирженка Чехова (Чешка), Паола Перети (Италија), Кристијан Новак (Хрватска), Фарук Шехиќ (Босна и Херцеговина), Игор Маројевиќ (Србија), Румена Бужаровска, Жозе Луиш Пејшото (Португалија), Здравка Евтимова (Бугарија) и Јон Калман Стефансон (Исланд), како и Алесандро Барико (Италија). Секако, фестивалот немаше да биде она што е, ако дел од него не беа и бројни домашни автори и уметници.

Покрај авторите, дел од фестивалот беа и реномирани европски издавачи, така што претставниците на издавачките куќи и авторите имаа можност да се сретнат со Надеж Агило (Франција) – извршна директорка на издавачката куќа „Агило“ од Бордо; Тино Шленх (Австрија/Германија) – куратор за книжевната програма на „Културзомер“ – Виена, Австрија; Џорџа Спадони (Италија) – преведувач и надворешен соработник за издавачката куќа „Ботега Еранте“ – Удине, Италија; Манол Пејков (Бугарија) – сопственик на издавачката куќа „Жанет 45“ – Пловдив и на Софиската книжевна агенција – Софија, Бугарија; Бенјамин Лангер – преведувач од македонски на германски јазик и соработник на „Традуки“.

На Анастасија Ѓурчинова и на Бенјамин Лангер им беа врачени наградите „Драги“.
Наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик ја доби Анастасија Ѓурчинова, за превод од италијански јазик на делото „Интимен живот“ од авторот Николо Аманити во издание на „Антолог“, додека германскиот доктор на науки и преведувач Бенјамин Лангер е добитник на годинашнaта интернационална награда „Драги“ за преводот на романот „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, во годината кога се обележува деведесегодишнината од неговото раѓање.

Свечено беше доделена и наградата „Букстар“ 2024 на Јон Калман Стефансон за трилогијата „Помеѓу рајот и пеколот“, а разговор со него водеа Александар Маџаровски и Никола Маџиров. На едно место исландскиот писател се осврна на моќта на книжевноста денес: „Сакам да го сменам светот со пишувањето, сакам да допрам до луѓето.“

Редици за потпишување книги, здравици, променети и проширени видици, изблици на енергија, невидено богата програма, сето тоа е лесно е кога целта е да се постигне највисоко ниво на работа и бренд од кој ќе бидеме сите горди. Метаморфозата можеби е комплицирана, ама потоа срцето сјае како избрусен дијамант. Авторите и публиката на годинешното издание на фестивалот беа избрусени дијаманти. И ќе сјаат во нас уште долго, велат организаторите.

Фестивалот се одржа под слоганот „Преобразба“ и беше поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија, книжевната мрежа Традуки, ЕУ со тебе (Eu with YOU), Амбасадaтa на Германија, издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања беа реализирани и со поддршка на Амбасадите на Република Чешка и Италија, Културно–информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, Италијанскиот институт за култура во Белград, Исландскиот книжевен центар и Институтот за соработка и јазик „Камоеш“. Медиумски покровител на настанот беше Македонската радио телевизија. Визуелниот идентитет беше авторство на Маја Плачкоска, која го изработи и фестивалското видео.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.