Наградуваниот роман „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е избран за книга за месецот февруари во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје. Со делото, кое ја освои наградата „Пегаз“ (за најдобар необјавен роман во 2021 година) и е добитник на „Рациново признание“ за 2022 година, библиотеката ја продолжува својата голема кампања #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори.

На 7 февруари (вторник) во 19 часот во библиотеката ќе се одржи разговор со писателот Русјаков, а на 25 февруари (недела) е закажана средбата во Клубот на читатели, на која ќе се дискутира романот.

Разговор со авторот и Клубот на читатели се редовни активности од нашата кампања, кои во февруари ќе му бидат посветени токму на Александар Русјаков и неговиот интересен и наградуван роман. „Хотел меѓу две војни“ е достапен во сите наши библиотеки – се вели во објавата на библиотеката „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

„Хотел меѓу две војни“ е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на ХХ век), судбините на Мустафа и Елени се претставени преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.