Претставата „Хеда Габлер“ на Драмски театар од Скопје ќе го отвори 58. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи од 7 до 14 јуни во Прилеп. Добитници на наградата за животно дело се актерите Мими Таневска-Србиновска и Јордан Витанов. Наградата ќе им биде врачена на отворањето на Фестивалот, соопшти уметничката директорка Ана Стојаноска.
На свеченото затворање ќе се доделат годинешните награди, по што следи Концерт на „Добрила и Дориан дуо“.
Единаесет претстави на професионалните македонски театри се во официјалната конкуренција и уште седум во придружниот дел од програмата.
Покрај претставата „Хеда Габлер“ на Драмски театар, во конкуренцијата се и „Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска, на народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, „Диво месо“ во режија на Мартин Кочовски, во продукција на Албански театар од Скопје, „Демонот од Дебар Маало“ во режија на Наташа Поплавска, на Центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип, „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, а во продукција на ЦК „Антон Панов“ од Струмица.
Исто така, во конкуренција се и „Едвард Втори“ според Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак, на Ц.К. „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, „Иванов“ од Антон П. Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, во продукција на Македонскиот народен театар, „Домот на куклата“ од Лукас Хнат, во режија на Билге Емин, на Турски театар од Скопје, „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани на народниот театар од Битола, „Ало! Ало!“ според Џереми Лојд и Дејвид Крофт, во режија на Синиша Евтимов на Театар Комедија и претставата „Франкенштајн“ од Мери Шели, во режија на Кокан Младеновиќ, а во продукција на Театар за деца и младинци од Скопје.
Годинава, автор во фокусот е Горан Стефановски и еден фестивалски ден ќе му биде комплетно посветен на големиот македонски драмски писател.
И годинава тричленото жири е меѓународно и е во состав на д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, театарска критичарка од Србија, д-р Марина Катниќ-Бакаршиќ, драматург од Сараево и актерката Варја Ѓукиќ од Црна Гора.
Фестивалот нуди богата придружна програма во која се и 7 претстави, ќе има промоции и секојдневно разговори на тркалезната маса за одгледаните претстави. Ќе бидат одржани пет работилници. Работилницата за драмско пишување што ќе ја води Ана Трпеноска, Работилницата за читање на Горан Стефаноски што ќе ја води проф. д-р Јелена Лужина, Работилницата за следење на фестивал што ја води тимот на Умно.мк, Работилница за тело – говор – простор што ја води Искра Шукарова и Работилницата за костимографија што ја води Александар Ношпал.
Годинава МТФ „Војдан Чернодрински“ се одржува под мотото „Промени се, промени сѐ
Се решив да го прикажеме тоа што е современо и актуелно, истовремено во корелација со европските театарски трендови. Она што доминира во програмата е потребата да се најдат нови читања на стари теми, истовремено создавајќи поинаков третман на просторот. Доминантно во продукцијата беа повеќе камерните или „мали“ сцени наспроти големата сцена. Имаше неколку впечатливи камерни претстави работени според домашни автори, но не одговараа на концептот на ова издание на фестивалот. Тоа не значи дека беше естетички ограничена, туку создаде ново гледање и на драмите и на просторот. На македонската театарска продукција како и да ù фали сериозно истражување и на современите театарски тенденции, но и на сопствените театарски капацитети. На нашите театарски сцени им треба промена која се надевам ќе ја иницира фестивалот годинава – рече Стојаноска и додаде дека „промената е најблиската потрага по сопствениот креативен потенцијал. Таа е првата победа во битката со конформизмот, старите навики, инертните или наследени ситуации“, рече на пресот на почетокот на мај, уметничкиот директор Ана Стојаноска, кога ја образложи својата селекција во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.