Државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија Станчевска-Ѓоргова, вчеравечер во Даут-пашиниот амам, пред многубројните љубители на уметноста, екселенции и други гости, се обрати на свеченото отворање на изложбата „Австриската уметност по 1945“, за која потенцираше дека ќе остане забележана како потврда за долгата историја на одличните односи меѓу двете држави и култури.
Одржувањето на пријателските односи и меѓу македонската и австриската култура е резултат на силниот влог и длабоката посветеност на разбирањето и отвореноста, на одржување на континуитетот во ткаењето на односите кои бележат несомнено голема традиција“, истакна Станчевска-Ѓоргова, напомнувајќи дека овој настан е потврда токму за важноста на меѓудржавните културни политики.
На изложбата, која се организира по повод 30 години воспоставена дипломатска соработка меѓу двете држави, Станчевска-Ѓоргова истакна дека оваа изложба е знак на почит меѓу двете држави, знак за поддршка на културниот идентитет на народите, но и врска за меѓусебно продлабочување на односите на повеќе нивоа.
„Со овој пресек на современата австриска уметност, делата и авторите кои извршиле своевидно влијание врз европската и врз балканската модерна, одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските врски меѓу нашите две држави“, рече државната секретарка во Министерството за култура и туризам, која додаде дека вакви сериозни проекти даваат нов квалитет во градењето на билатералните односи, укажувајќи на значењето и силата на уметноста во споделувањето на европските вредности.
Потенцирајќи го спознавањето на современата австриска уметност по 1945 година, како и влијанието и одразот на овие ликовни дела врз развојот на политичкиот, социјалниот и технолошкиот живот во 20 и 21 век, Станчевска-Ѓоргова истакна дека изложбата овозможува богатство на сознанија за културните влијанија и потенцијалот на минатиот творечки одраз во денешницава.
Вака подготвената изложба со дела кои обележуваат широк распон на творештво од периодот на повоена Австрија па сè до денес, згрижени во приватните колекции на австриските љубители на уметноста, укажуваат на посветеност и љубов во грижата и промоцијата на сопственото културно наследство“, рече Станчевска-Ѓоргова, потенцирајќи дека тоа е една од најважните алки која, меѓу другите, гради мост на соработка и желба за продлабочување на културните врски меѓу два пријателски народи.
На свеченото отворање на изложбата во Даут-пашиниот амам, се обратија и: Маја Неделкоска-Брзанова, в. д. директор на Националната галерија; Мартин Памер, амбасадор на Австрија во нашата држава; Кристоф Тун-Хоештајн, амбасадор и раководител на Директоратот за културна соработка при австриското Министерство за европски и меѓународни прашања; Волфганг Бандион, куратор на изложбата, како и Весна Ѓорчева, член на Управниот одбор на Македонија осигурување АД Скопје, Виена Иншуранс груп.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.