Филмот „Домаќинство за почетници“ зборува за универзалната хуманост и емпатија. Важно ми беше да се долови енергијата на ликовите во одреден момент, а мое да се адаптирам на таа енергија. Целта беше да пренесеме приказна која што е интересна и ќе има силно значење за гледачите, рече на денешната прес-конференција во Битола режисерот Горан Столевски.

Како што јави известувачот на МИА од Битола, вчера со премиера на овој филм беше отворен Фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“.

Дури кога отидов во Австралија и се вратив од таму, сфатив колку Ромите се различно третирани, а и јас бев различно третиран во Австралија. Но, приказната произлезе самата од себе. Глумците, ликовите во приказните се секогаш во сегашно време. Важно е да се долови енергијата на ликот во одреден момент, а мое да се адаптирам на таа енергија и да придонесам сите да го гледаат филмот, рече Столевски на прес-конференцијата.

Тој порача дека за време на снимањето важно беше да се долови моментот се да изгледа спонтано, да се чувствуваат глумците дека се во реална ситуација и самите односи да делуваат спонтано и природно.

За тоа да може да функционира, како што рече, треба да се создаде добра средина во која таа екипа ќе може да се адаптира на сите услови. Тој напомена дека филмот зборува за универзалната хуманост и емпатија меѓу луѓето.

Мене ми беше важно да пренесеме приказна која е интересна и која што силно ќе им значи на луѓето. Во филмот важно беше да ја видиме сличноста со ликовите и како можеме да се поврземе. Тоа е нешто што е инстиктивно, додаде режисерот.

Продуцентката Марија Димитрова на прес-конференцијата денеска рече дека беше голем предизвик да може целата финансиска конструкција заедно со сите ограничувања кои што фондовите ги носат да се состави и да може да се истера до крај. Но, сепак, како што потенцираше, задоволна е од исходот.

Многу сум задоволна од исходот што го направивме затоа што секако, мислам дека завршивме одлична работа. Рабаотевме со извонредни актери, со извонредна авторска и техничка екипа, рече Димитрова.

Таа најави дека филмот продолжува со фестивалите, следат Бусан во Јужна Кореја и Лондон.

Директор на фотографија Наум Доксевски посочи дека со Столевски соработувал брзо и едноставно.

Лесно беше да се разбереме со Горан. Дури сега од оваа дистанца кога ќе размислам дури е и малку чудно но ние размислувавме и на сличен начин и целото искуство ми беше прилично забавно, додаде Доксевски.

Сценограф на филмот е Ана Жежничек, Роза Трајческа Ристовска е костимограф, Александара Чевреска арт директор, Горан Игњатовски и Леонора Мехмети Хоџа – маскери, кастингот е на Милка Анчевска, Ален Синкауз и Ненад Синкауз композитори, Зоран Максимовиќ – снимател на звук и Ема Бортињон, дизајнер на звук.

Македонскиот кандидат за Оскар „Домаќинство за почетници“ ќе има кинопремиера во Скопје на 12 октомври во киното Синеплекс.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.