„Македоника литера“ деновиве ја објави книгата „Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943)“ од Горан Калоѓера, во превод од хрватски на македонски јазик на Славчо Ковилоски, кој е и автор на предговорот. Како што пишува авторот во воведот на книгата, Рацин е неговиот научен предизвик за кого, уште како млад научник, се обидел детално да ги реконструира престојот во Хрватска и неговите дружења со истакнати антифашисти, писатели, уметници и политички другари.
Во воведниот дел Калоѓера пишува за Рацин како интелектуалец, поет, романсиер, публицист, критичар, полемичар, собирач на усно народно творештво, односно за неговата биографија, за неговото место и поврзаност со хрватската култура и со Хрватска воопшто. Главниот дел од книгата е анализа на публицистичкиот опус на Рацин, неговата проза, поезијата (песни на хрватски/српскохрватски јазик), култната книга „Бели мугри“, песните на Рацин надвор од збирки и поетски циклуси, како и збирката народни песни што ја подготвил Рацин пред неговата смрт во 1943 година. На крајот од книгата авторот дава заклучен осврт. Ова е втора книга на Калоѓера за Коста Солев Рацин, првата е напишана на почетокот на неговата научничка дејност.
– Ретко кој македонски поет привлекол толку внимание кај теоретичарите, книжевните историчари и филолозите како Рацин. Рацин беше карпа, брана, првоборец во уметничкиот израз на мајчиниот јазик, потпора и надеж за многумина, пример за идеален револуционер и на крајот жртва. Беше човек визија, предвидел многу историски настани, кои за жал се обвистинија. Тој беше најчесното и најчеститото нешто што го имаа Македонците во периодот меѓу двете војни – вели Калоѓера за Рацин.

Во предговорот Славчо Ковилоски пишува дека делото „Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943)“ е силно, експресивно, набиено со емоции, но и остварување што дава одлична слика за времето во кое живеел Рацин, како и за неговата личност. Изнесените анализи и синтези се и тоа како добредојдени за пошироката македонска читателска јавност, а со сигурност тоа важи и за хрватските читатели.
– Всушност, авторот гради уште еден мост на поврзување помеѓу Македонците и Хрватите, во негов препознатлив стил. Тој е директен при соопштувањето на своите согледби и ставови и тоа ѝ дава посебна тежина, убавина и читливост на книгата. На крајот, Калоѓера завршува со констатацијата дека без разлика на временската дистанца и релативно скромниот опус на Рацин, тој и понатаму останува најпознатиот македонски писател во Хрватска. Така ќе завршиме и ние, со констатацијата дека Калоѓера е еден од најпознатите современи македонисти, не само во Хрватска туку и во европски рамки – вели Ковилоски.
Горан Калоѓера е докажан пријател на Македонија и голем поборник на научната вистина за Македонија, а како научник, славист и македонист ужива висок углед како во Хрватска, така и во Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.