По повод 80 години Народен театар Битола и првата претстава изведена на македонски јазик, во фоајето на театарот, беше организирана голема изложба на театарски плакати и каталози од авторите Христо Бојаџиев и Владо Ѓорески. Ова е можеби прва изложба со толкав голем број на изложени театарски плакати – 120 и исто толкав бројна каталози. Авторите во својата тридецениска работа врз уметничкиот плакат, остварија и своевиден уникатен театарски опус кој што со уметничките резултати е единствен во нашата средина а е и вреднуван со бројни награди и од меѓународен карактер.  Изложбата не само што е своевиден авторски проект туку е и исклучителен уметнички и дизајнерски придонес во историјата на македонската ликовна уметност опфаќајќи широк дијапазон на индивидуални и оригинални авторски реализации.

Изложбата беше претставена пред голем број на посетители кои имаа можност да ги видат визуелните сведоштва за најзначајните театарски претстави во Македонија и пошироко.

 

Покрај тоа беше претставен оригинален ракопис на првиот и единствен театарски манифест во Битолскиот театар, пишуван во 1996 година од Владо Цветановски и Владо Ѓорески.

Креативната соработка во областа на театарскиот плакат помеѓу Христо Бојаџиев и Владо Ѓорески е повеќегодишна. Кон визуелно-ликовните елементи применети во создавањето на уметничките плакати, каталози и друг печатен материјал, тие имаат единствен и специфичен пристап.

 

Во својот посветен уметнички ангажман, покрај љубовта кон музиката, која многу често е дел од музичката илустрација за бројни претстави (Бојаџиев е единствен добитник на Стеријна награда за музичка илустрација во претставата „Подземна република” на Битолскиот театар), вокацијата кај Бојаџиев е и создавањето на посебна, авторска фотографија. Владо Ѓорески е графички уметник кој што има остварен броен ликовен опус кој што исто така е специфичен. Негова изразита вокација, љубов и познавање е и книжевноста. Овие четири “елементи” според нивната естетика се суштествени во создавањето на нивните уметнички плакати затоа што содржат: слободна, неконвенционална композиција, симболика, алегорија, поетичност, визуелно-литературна асоцијативнос…всушност, нивните искуства, доживувања и живеења со музиката, фотографијата, графиката, литературата, се основен поттик, инспирација и своевидна коавторска синтеза што ја вградуваат во идејната и визуелната елементарност на плакатот.

Имајќи ги во предвид овие елементи и нивниот индивидуален творечки сенс, тие создаваат уметнички плакати кои што не се илустрација или своевиден примарен “водич” за театарската претстава, туку, еден вид надградба, надополнување и смело отстапување од основните постулати на претставата. Ваквите решенија и размислувања, најчесто се позитивно прифатени од режисерите, тие на одреден начин се често и своевидна сликовна инспирација и ново гледиште во создавањето на низа сцени а често и промена на идејниот ракурс во изградувањето на крајната театарска оркестрација во целост, што значи и специфично толкување, размислување и стилска определба на режисерот. Според нив-плакатот не е формална и “фактографска” илустрација, тој е еден од театарските елементи кој што би требало да содржи повеќеслојност со бројни елементи на театарскиот јазик.

 

Животот на театарската претстава е во времето, животот на плакатот е вон времето, тој е сведокот за театарската мисла, чувство, филозофија и творечката животна енергија на секое театарско опстојување, дофатено, пренесено и создадено како искристализирана неповторлива есенција за суштината и посебноста на театарската ретстава. Тоа е нивното коавторско кредо кое низ разговори, заеднички размислувања и авторски пристап им овозможи да создадат над повеќе од стотина уметнички плакати, каталози, низ кои авторската посебност на двајцата е вградена во една заедничка ликовна етида, реку која на некој начин и понатаму живеат бројните претстави во кои најискрено вградиле дел од нивниот живот посветен на театарот – ирационално, спиритистички и без никакви задршки, конвенционалности и канонски ограничувања.

Изработиле колу 150 плакати и сто толку и друг печатен театарски материјал за сите театри во Македонија, како и за тетари во Хрватска, Бугарија, Русија, Франција…



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.