На 19 ноември во Националната галерија, објект Чифте амам, ќе се одржи годишниот симпозиум на здружението на ликовните критичари АИКА Македонија.
Симпозиумот ќе го отвори Ана Франговска, претседателката на АИКА Македонија, која ќе истакне неколку важни аспекти од последните активности на меѓународната АИКА и АИКА Македонија. Таа ќе ја соопшти програмата на симпозиумот и накусо ќе проговори за важноста на овогодинешната тема. Како главен фокус на првиот дел од симпозумот, својот истражувачки проект „Раскинување со уметноста (каква што ја знаеме)“ ќе го презентира овогодинешниот добитник на наградата за ликовна критика „Ладислав Баришиќ“, Илија Прокопиев.
Главна тема на симпозиумот е „Предадена или (оп)круж(е)на маса? Потрага по моделот: ‘Жива слика’ или гласот на критиката?“, конципирана и координирана од Натали Рајчиновска Павлеска, член на АИКА Македонија. Оваа тема го истакнува развојот на пејзажот на уметничката критика генерално, па и кај нас и поканува богат дијалог за нејзината цел, модели и идни насоки.
„Веројатно наједноставно би било да се потврди дека ликовната критика е дисциплина во изумирање, но се чини дека сè уште опстанува еден значаен сегмент во кој средствата за промоција на уметноста или алтернативниот ‘критички’ модел на уметноста во нејзините ‘критички’ облици не успева да ја отповика нужноста или, пак, да ја замени неопходноста од присуството и застапеноста на дневната или периодичната критика. Отсуството на критичките платформи, на стручните списанија и наменски публикации одново е повод да се продискутира предавањето–како–напуштање или опкружувањето–како–заобиколување на горливите теми поврзани со опстојувањето на критичкиот дискурс во неговите соодветни облици.
Оттука, дискурсот на годинешниот симпозиум се повикува на постојните ‘критики на критиката’ во поширок теоретски и практичен контекст, поставувајќи ги можните паралели за согледување на настанувањето и настојувањето на кризата и кај нас, преку обидите за лоцирање на специфичните причини за нејзиното т.н. ‘исчезнување’ додека (сè уште) постои“, вели Натали Рајчиновска Павлеска.
На симпозиумот како главни говорници со свои излагања на темата покрај координаторот, ќе се обратат и Викторија Васева Димеска со темата „Неколку цртички за ликовната критика“, Мелентие Пандиловски, „Уметничката критика во третата деценија на дваесет и првиот век“ и Маја Чанкуловска – Михајловска, „Реконструкција или без систем? (некои предлози за практични делувања)“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.