20.01. (петок) – „Гига мега бајка“
„Гига мега бајка“ е нова приказна која ни доаѓа од старите приказни. Четири актери кои не можат да ја почнат претставата „Пинокио“ зашто им фали актерот кој го игра Пинокио почнуваат да смислуваат своја приказна. Во паника но со многу фантазија ги раскажуваат познатите бајки и една своја и ги спојуваат во брза, смешна, забавна и поучена бајка – Гига мега бајка. Па така Црвенкапа го пресретнува Волкот и го кара зашто работел со мотика во дворот на баба и’.

Тој е градинар кој само сака да живее во мирна и тивка градина и сака да помага на Бабата. А Бабата пак знае карате, Џит-Кун-До и Џиу-Џицу и на Волкот му одржува дебела лекција па тој исплашен сака да избега од својата приказна.
Си заминува и ја среќава Поспаната Убавица со која тргнуваат во потрага по златната мотика и големата книга на знаењето…
Играат: Бојан Кирковски, Симона Спировска, Мартин Јорданоски, Мики Анчевски.

 

21.01. (сабота) – „Палешка“
– Претставата „Палешка“ е ново и модерно читање на истоимената бајка од Ханс Кристијан Андерсен, во која главниот фокус е даден на мајчинската љубов и нејзината сила. Претставата допира актуелни теми во современото живеење и растење на децата како различноста и прифаќањето на различноста кај себе и другите, соочувањето со суровоста на светот во процесот на растење и мајчинската љубов која е тука секогаш да нè заштити и спаси од сите тие опасности. Мајсторски изработените кукли водени со совршена прецизност и чувство од сите актери во екипата на сцената создаваат магија со која ќе се соживеат и децата и возрасните, велат од тимот на претставата.

Покрај режијата и драматизацијата е на Давор Драгојевиќ, додека преводот, адаптацијата и драматургијата е на Драгана Лукан Николоски.
Во претставата играат: Матеа Јанковска, Марија Ѓорѓијовска, Изабела Новотни, Мартин Јорданоски, Емра Куртишова и Петар Стојанов.
Сценографијата, костимите, дизајнот и изработката на куклите се на Кирил Василев, а композитор е Алек Родиќ.
Режисерот Драгојевиќ, во име на претставата ќе запише:
„…Мечтајте за да летнете
Нека не ви биде страв
И големи и малечки
Вилински ве носи прав.
Уживајте и љубете
Нека срцето ви пее
Знајте дека кај и да сте
Мајчинската љубов грее.“

 

Фото: ТДМ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.