Од 1955 година Гете-институт, еднаш годишно го доделува Гете-медалот како официјално почесно одликување на Сојузна Република Германија и е најважната награда на надворешната културна политика. Кандидатите/кандидатките се номинирани од Гете-институтите ширум светот во координација со германските амбасади. Комисијата за доделување на Гете-медалот, која се состои од личности од областа на науката, културата и уметноста, од овие номинации прави избор, кој го потврдува Извршниот одбор на Гете-институт. Со доделувањето на Гете-медалот, германската публика се запознава со светски релевантни културни теми и актери/актерки како и ја поддржува интернационализацијата на германскиот културен пејзаж.
Наградата ќе биде доделена на 28 август 2024 година, денот на раѓањето на Гете. Од првото доделување во 1955 годинa наградени се вкупно 380 личности од 70 земји, меѓу кои Јури Андрухович, Даниел Баренбоим, Дејвид Корнвел алиас Џон ле Каре, принцезата Софија Губаидулина, Агнес Хелер, Петрос Маркарис, Ширин Нешат, Ирина Шиер. Хорхе Семпрун, Роберт Вилсон и Хелен Волф.
Комисијата
Комисијата за доделување на Гете-медалот 2024 година ја сочинуваат Рене Агуига (модератор и раководител на одделот „Литература, филозофија, религија“ Дојчландфунк Култур, Берлин), Олга Грјаснова (писателка, Виена), Јулија Гросе (уметничка директорка Контемпорари Енд, Берлин), Ана Хенкел-Донерсмарк (кураторка и директорка на Берлинале Шортс, Берлин), Матијас Лилиентал (драматург и интендант, Минхен/Берлин), Томас Оберендер (автор и куратор, Берлин), Антје Равик Струбел (авторка, Потсдам), Андреа Жшунке ( раководителка Music WDR3, Келн); застапник на германската амбасада: Ралф Бесте (раководител на Одделот за култура и комуникација); застапничка на Гете-институт: Карола Ленц (претседателка на Гете-институт) и Јоханес Еберт (генерален секретар на Гете-институт).
Гете медалот за 2024 година, го добиваат историчарката на уметност и културна менаџерка Искра Гешоска од Македонија, литературната преведувачка и толкувачка Клаудија Кабрера од Мексико и Кармен Ромеро Кверо, основачка и директорка на чилеанскиот театарски фестивал од Чиле „Teatro a Mil“. Гете-медалот ќе го додели претседателката на Гете-институт Карола Ленц на церемонија на 28 август 2024 година во Вајмар.
Карола Ленц, претседателката на Гете-институт, во своето соопштение истакна: „Токму во време на различни кризи и поларизирачки дебати како денес, потребна ни е отвореност за различни перспективи во светот, подготвеност да учиме едни од други и да градиме доверливи врски во општеството, но и меѓу различни општества. Овогодинешните добитнички на извонреден начин се залагаат токму за вакви поврзувања и меѓународно разбирање. Клаудија Кабрера, преку сопствените преводи и нејзината посветеност на професионализацијата на преведувачката работа, истакнува дека литературата на германски јазик во Латинска Америка добива видливост. Искра Гешоска ја промовира самодовербата и европското вмрежување на младата уметничка сцена во Македонија преку невладината организација што ја основала како и бројни фестивали. И Кармен Ромеро Керо, како основачка на театар и кураторка, им дава на децата и младите особено пристап до театарот, а со тоа и пристап до другите светови. Сите три добитнички на наградата не се обесхрабрени од противничките струи и пречки. Затоа, многу сум среќна што оваа година со Гете-медалот го наградуваме енергичниот и неуморен ангажман на овие три жени “.
Томас Оберендер, претседател на комисијата за доделување на Гете-медалот, изборот на добитниците го објаснува вака: „Заедничко им е што тие се основачки и раководителки на фестивали, здруженија или медиуми кои ги уриваат јазичните и мисловните бариери и поставуваат револуционерни импулси во однос на културната политика. Тие се пронаоѓачки на креативни формати за настани и веќе неколку децении ја рефлектираат локалната социјална и политичка ситуација во Латинска Америка и Источна Европа на храбар и иновативен начин“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.