Вчеравечер на сцената на Националната опера и балет во Скопје гала концерт одржа оперската дива од Бугарија, Александрина Пендачанска (сопран). Пендачанска, заедно со гости-солисти, пред публиката исполнија оперски арии од композиторите Бах, Моцарт, Бизе, Верди, Росини, Леонкавало, Џордано и други.

Ова е прв настап на Пендачанска во Република Македонија. Таа на присутните им се заблагодари за топлиот пречек, високата професионалност на домаќините, како и на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје за организацијата на настанот. На крајот од концертот, по бурните овации за маестралната изведба, Пендачанска во емотивно обраќање изрази огромна благодарност за интересот, но исто така кажа дека и е огромна чест што настапува токму во Скопје, од каде има и потекло.

Диригент на оперскиот концерт беше Бисера Чадловска, а концерт-мајстор Климент Тодороски. Со соло изведби настапија солистите: Ралица Богданова (сопран) и Марјан Јованоски (баритон ) во придружба на оркестарот на Националната опера и балет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.