Гаја Смилевска е гостинка на второто издание на Интернационалниот Стрип Трип Фестивал што ќе се одржи на 8 и 9 јуни во Младинскиот Културен Центар.

Гаја се претставува себе како 23-годишен студент и илустратор од Скопје што црта кратки стрипови и големи раце. Таа има освоено награди на низа локални и меѓународни изложби, а нејзините дела се објавени и во неколку фанзини. Во 2021 година на четвртиот конкурс за стрип наградата Лифт учествува со „Dear Father“. Зад себе ги има и научно-фантастичниот стрип „RE:VIVIFY“ и краткиот стрип „Немам раце“.

Во април 2024 година пред јавноста го претстави графичкиот роман „Скрши што судбината гради“ во издание на „Флип Бук Букс“. Стрипот црпи инспирација од историски средновековни настани и Византиската империја која владеела на овие простори, а воедно ја тематизира релацијата на младите луѓе со домот, градејќи возбудлива имагинарна авантура.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.