Овие денови Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје е домаќин на триесетина учесници на Летната школа што се организира во рамките на меѓународниот Еразмус+ проект „Модерни славистички студии“. Учесници на Летната школа се професори и студенти од Шлезискиот универзитет во Катовице, Полска и од Остравскиот универзитет во Острава, Чешка. Тие покрај предвидените предавања во рамките на проектот, следат и интензивен курс по македонски јазик што го води проф. д-р Станислава-Сташа Тофоска. Реализацијата на Летната школа е во периодот 09.-19.07.2022 во Скопје и во Охрид, а во програмата, покрај предавањата и часовите по македонски јазик, предвиден е разглед на знаменитостите на градот Скопје, посета на кањонот Матка и разглед на градовите Охрид и Струга.

„Модерни славистички студии“ е меѓународен проект на Шлезискиот универзитет во Катовице, на Универзитетот во Острава и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Главната тема на проектот е визијата за славистика која ќе им одговара на потребите на денешниот свет и која ќе ја земе предвид разнообразноста на регионот со употреба на најновите трендови во дидактиката.

Целта на проектот е програма за нови меѓународни магистерски студии кои ќе црпат од потенцијалите на славистиката од различни земји, а тоа практично значи дека планираните предмети ќе ги предаваат стручњаци од Чешка, од Полска и од Македонија и од други словенски земји.

Чешко-полско-македонскиот академски тим веќе две години работи на можноста во блиска иднина на потенцијалните студенти да им понуди меѓународна славистичка програма. Предметите се подготвувани во тесна соработка меѓу партнерите, а некои од нив опфаќаат и заедничка настава со професори од различни центри.

Токму на Летната школа е предвидено во пракса да се испробаат веќе подготвените предметни содржини, а притоа чешките и полските учесници да се запознаат со јазикот и културата на уште една словенска земја.

Координатори на проектот од македонска страна се проф. д-р Јасминка Делова-Силјанова и проф. д-р Лидија Танушевска од Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.