Документарниот филм „Пред и после“, снимен во режија на Киро Урдин, премиерно ќе биде прикажан на 15 декември, со почеток во 20 часот, во Кинотека на РС Македонија.

Во создавањето на филмот беа вклучени нараторот Роберт Миано (САД), авторите на музиката Венко и Васко Серафимови, снимателите Бранд Ферро, Слаѓан Милошевски и Ан Вутерс (Белгија), додека звукот и монтажата се на Владимир Петровски – Картер.

Приказната во филмот „Пред и после“ (46 мин.) се случува во околината на реката Мара (Кенија и Танзанија). Едно мало гну и едно мало бaфало се родени во непосредна близина. На крајот од животот тие умираат еден покрај друг.

Со над сто самостојни изложби низ целиот свет, Киро Урдин е меѓу најплодните и најпознати македонски современи сликари. Истовремено се занимава и со снимање документарни филмови, во кои користи различни метафори за да ја прикаже суштината на живеењето.

Негово најпознато филмско остварување е „Планетариум“, снимен на 25 најзначајни точки на планетата Земја, кој подоцна беше преточен и во современ балет со истиот наслов. Со филмот беше инициран и глобалниот уметнички правец планетаризам. Филмовите на Киро Урдин често носат и еколошки пораки за опстанокот на планетата, за односот на човекот кон природата, но и за животот и за смртта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.