Оркестарот на Македонската Филхармонија, денеска во 13.00 часот повторно ќе одржи протест пред Министерството за култура, бидејќи, од таму, се уште немаат конкретен одговор, ниту решение на проблемот кој настана со носењето на одлуката новоформираниот Џез оркестар просторно да биде сместен во објектот на Филхармонија.
Иако Министерството за култура вети дека интензивно ќе работи на решение кое набргу ќе го сподели со сите засегнати, помина речиси месец и половина, а одлуката се уште не е променета.
Во елаборатот за основање на НУ Џез оркестар, доставен до Владата (претпоставуваме изработен од Министерството за култура, иако на крајот од документот не стои ниту печат, ниту потпис) до кој што дојдоа вработените од Македонска Филхармонија врз основа на барање за пристап до информации од јавен карактер, никаде не пишува дека новоформираната институција ПРИВРЕМЕНО ќе биде сместена во објектот на Филхармонија. Напротив, објектот е ставен како најсоодветна опција за сместување на новата институција и дека ќе им ги понуди сите расположливи капацитети – канцеларии, гримиорни, студио на вработените во НУ Џез оркестар. Тоа значи дека јавноста и вработените во Филхармонија беа изманипулирани и излажани и од Министерството за култура и од ЗЏМ дека станува збор само за привремена адреса, и дека кога ќе застане на нозе, новата институција ќе добие нов простор. Елаборатот е изработен без анализа и консултација со раководството на Филхармонија и во него сосема паушално е изведен заклучок дека „постојат услови и простории за администрација, посебни канцеларии, гримиорни, гардероби, простор за оркестарски проби“ и дека овој објект претставува „одлично место каде новооснованата институција ќе може непречено да ги извршува сите свои активности“.
Ја повикуваме министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска да каже зошто месец и половина ја лаже јавноста дека Министерството за култура немало никаква заднинска намера кога ја донело одлуката за формирање на Џез оркестарот, кога елаборатот го потврдува спротивното – дека зад грб, тајно и без знаење на раководството на Филхармонија сакале да сместат уште една институција во објектот кој наменски е изграден за оркестарот на Македонската филхармонија. И покрај нашите укажувања за промена на оваа паушално донесена одлука, Министерството за култура и ЗЏМ бесрамно продолжуваат да ја лажат и манипулираат јавноста дека станува збор само за „ПРИВРЕМЕНО“ решение.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.