„Лето 2024то. ФИЈУК е еден. Сè друго е матно. Жешко. И тегобно. Елајте да се сокриеме во Универзитетската Библиотека ‘Св. Климент Охридски’ за да си ја откриеме снагата помеѓу книгите, буквите и колажите“.

Вака стои најавата за новиот ФИЈУК, саемот на независни издавачи, кој на 23 август – по иницијатива на Партизанска штампа, Гола планина и БОШ – ќе се одржи со низа пропратни активности.

Програмата почнува во 17 часот со отворање на ФИЈУК со работилница за колажи. Рекордна бројка од 30 излагачи на независни изданија: книги, постери, графики, фотографии, принтови, копии, цртежи… (погледни листа подолу).

Потоа, од 19 часот има отворање на изложбата и промоција на арт книга во сито печат „Ненаситни“ со винил сет на Владимир Муратовски – Диво. Од 21 до 22 часот е најавен музички колаж на Јоана и Стражарот.

Излагачи се: Партизанска штампа, Арт Еквилибриум, Гола Планина, Матријаршија, Sharla Records, Аксиома, Катран Комикс, Green Hill Records, Longest Night, Shock Troopers, Издавачка куќа „Илика“, Спознавање, Made of spit, Korn, Тома Димовски, Лусиана Ампева, Марта Патлиџанковска, Тања Вукобрат, Наташа Гелева, Јулија Ојден, Стефан Алијевиќ, Сали Ертунч, Ана Димитриевска, Јелена Белиќ, Јован Гаковски, Дона Илијевска, Матеј Богдановски, Владимир Муратовски.

Како што велат иницијаторите, изложбата „Ненаситни“, која доаѓа во Скопје после Белград (Улична Галерија, мај 2024), а пред да замине за Загреб (Охохо фестивал, септември 2024), е резултат на една несекојдневна соработка која обедини повеќемина пријатели, познаници па и анонимци, во посветен процес на сецкање, лепење и монтирање на улични плакати.

„Во придружба на шумливите звуци на внимателно селектираните плочи на еден од најдобрите македонски диџеи, музикофили и композитори Владимир Муратовски Диво, секој вторник, ‘за озбилно’ се фаќавме за ножиците и ремиксувавме сè што можеме да бидеме, а не сме. Кој у трн, кој у глог. Сите терсене, ние наопаку. Она што требаше да биде една работилница за ремиксување на стварноста во рамки на фестивалот Омнибустопија – се претвори во феномен – преку 30 колажирани плакати и уметникова книга во сито печат како еден сублимат на целиот процес. Сакавме уште повеќе. Денес сакаме можеби малку помалку, но крајот на летото е повеќе за плачење отколку за сакање, а пошто не сме плачковци ќе го повикуваме дождот со ѕвечкањето на ножиците, да дојде да донесе подобри времиња“, соопштуваат иницијаторите на ФИЈУК.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.