Од 8 октомври до 9 ноември во Музејот на македонската борба ќе се одржи 18. издание на Фестивалот на музичките уметници на Македонија „Златна лира“ во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ).

Оваа година, како што посочуваат организаторите, фестивалот ќе понуди десет исклучителни концерти со богат и разновиден репертоар. Најавуваат дека ќе бидат претставени дела од македонскиот камерен опус, заедно со композиции на светски автори, овозможувајќи совршен спој на локални и глобални музички традиции во врвни изведби на реномирани музички уметници.

„Фестивалскиот подиум ќе ги пречека уметниците и камерните состави: Пијано трио (Татјана Петрушевска – обоа, Марјан Милошевски – фагот и Петар Макариевски – пијано), Горан Начевски (баритон) и Николета Конти (пијано), Весна Ѓиновска Илкова (сопран) и Кристина Светиева (пијано), Дуо пијано Божиновска – Димовска, Лазар Соколов (саксофон) и Емилија Кабранова – Филипова (пијано), Елена Атанасовска Ивановска (пијано), Владимир Костов (виолина) и Цветанка Созовска (чембало), Триото АУРА (добитници на наградата „Златна лира“ во 2023 година) и Даница Стојанова (пијано). На свеченото затворање на фестивалот на 3 ноември ќе биде доделена и наградата „Златна лира“ што СМУМ традиционално ја доделува на музички уметници или ансамбли за врвни уметнички достигнувања во текот на изминатата година“, велат од СМУМ.

Во рамките на својата редовна концертна програма, фестивалот „Златна лира“, како што велат од СМУМ, традиционално ќе ја отстапи својата сцена и на младите уметници со цел нивна промоција и афирмација на почетокот на концертната кариера.

„Ваквата можност да го претстават својот талент на професионалниот концертен подиум е особено значајна за младите музичари и нивниот понатамошен развој и напредок на уметничкиот пат. СМУМ ја продолжува традиционалната соработка со меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“, кој од 2002 година се одржува на годишно ниво во Охрид и опфаќа учесници во повеќе категории и дисциплини од целиот свет. Плод на таа соработка е наградата за најдобар учесник на натпреварот од Македонија која ја доделува токму здружението СМУМ, а се состои од организација на концерт во рамките на фестивалот „Златна лира“. Оваа година, можноста да настапат на фестивалскиот подиум ќе ја имаат младите музичари Иван Стојанов (пијано), Ана Кузмановска (виолина), Лина Николоска (виолина) и Антица Николоска (виолина)“, посочуваат оттаму.

Фестивалот „Златна лира“ се реализира со поддршка на Министерството за култура, а влезот на сите концерти на програмата на фестивалот е слободен.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.