Богата програма со проекции на филмови и дискусии ги очекува учесниците на 11. „Џифони Македонија“ на претпоследниот ден на фестивалот. Денес на „Џифони Македонија“ сениорите ќе го гледаат „Утре, некаде, покрај морето“, кај кадетите е на програмата српскиот филм „Мрак“ во копродукција со Данска, Бугарија, Грција и Италија, а на дискусијата по проекцијата ќе гостува актерката Илона Милов. Јуниорите во Кинотеката ќе го гледаат рускиот филм „Таму и назад“, по што ќе имаат можност да разговараат со режисерот на филмот Олег Асадулин.

Во 15.45 часот во киното „Фросина“ ќе следи втората ЕПИК панел дискусија, на тема „Иновативна едукација: Предавање вредности преку филм и креативност“. Ќе бидат разменети искуства за иновативни едукативни модели и потенцијалот на филмот и уметностите во процесот на пренесувањето на вредностите“. Џифонци ќе можат да ја проследат проекција на краткиот филм „Животот на една даска“ на младата Леона Јариќ, по што ќе следува разговор со авторката. Во 18 часот ќе следува проекција на докудрамата „Учениците од Умберто Примо“, грчко-италијанска копродукција во режија на Алесандра Мајолети. Филмот зборува за нераскажаните приказни на девет еврејски ученици што учеле во италијанското училиште „Умберто Примо“ во Солун за време на нацистичката окупација и е базиран на архивски материјал откриен во 2003 година од италијански професор и сведочења на преживеаните протагонисти. Попладневните проекции се од отворен карактер.

Како да се распознаат лажните вести, кому да веруваме на интернет, како да ги заштитиме сопствените лични податоци, беа само дел од темите што на вчерашниот ден ги отворија Мери Јордановска, заменик-уредничка на Мета.мк и Деспина Ковачевска, медиа мониторинг специјалист од фондацијата „Метаморфозис“.

Штетите од лажните вести и од дезинформациите можат да го загрозат човековото здравје, ако на пример купувате медицински продукти кои лажно се претставуваат на интернет како да се одобрени од стручни медицински лица, можат да ви ги испразнат вашите или картичките на вашите родители, доколку вршите уплата на сомнителни веб-страници каде што се бараат вашите лични податоци. Дезинформациите можат да ја сменат вашата перцепција во однос на општествените и политичките случувања и да ви јават сомнежи во однос на научните и медицинските наоди“, им посочија говорничките на средношколците.

Големо внимание вчера предизвика светската премиера на краткиот филм „Јан“ на младиот босански режисер Кенан Мусиќ. Многу прашања и импресии од филмот споделија средношколците со режисерот Мусиќ и дел од авторската и актерската екипа. Џифонци имаа ексклузивна прилика првида го видат филмот што ја отвора темата на справување со предрасудите и борба за лична слобода на младите луѓе. „Ејџ-Би-О Макс“ веќе го откупи филмот за прикажување, а паралалено се снима и ТВ-серија со седум епизоди.

Вчера Џифонци го одгледаа и вториот блок кратки филмови од млади автори, кои се натпреваруваат за една од трите награди за најдобар ЕПИК краток филм.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.