Во организација на ХАЕМУС од 9 до 11 мај се одржува едукативна обука за интерпретација на наследство за одржлив развој на културниот и природниот туризам. Преку толкување на наследството учесниците ќе имаат можност да го подобрат своето знаење и вештини за креативна визуелизација и комуникација со цел да создадат културно-туристички производи кои преку искуството на самите гости ќе придонесат за одржлив развој на нашите локални заедници.
Интерпретацијата или толкувањето е моќна комуникациска алатка која се употребува за да се облагороди природното и културното наследство. Затоа е многу важно на кој начин се употребуваат алатките за толкување на наследството, бидејќи тие овозможуваат искуство кое луѓето ќе го паметат целиот свој живот. Оваа интерпретациска обука ги поддржува сите оние кои сакаат да ги подобрат, да внесат разновидност или да додадат вредност на нивните производи и услуги, користејќи го природното и културното наследство и притоа да создадат „искуства од прва рака“ важни за посетителите. Учесниците ќе имаат можност преку голем број интерактивни и креативни вежби да имплементираат идеи за примена на нови туристички производи, да ги подобрат постоечките услуги и да ги промовираат своите производи во ново светло, вели Василка Димитровска од ХАЕМУС.
Обуката ќе биде во насока на доближување на методите за интерпретација на наследството кои се одлична бизнис алатка за поттикнување на локалната економија. Оваа обука ќе се одвива во комплексот „Ореов лад“ и е пред сѐ наменета за сите оние кои професионално се занимаваат со одреден бизнис кој во голема мера го допира природното или културното наследство, но главно е фокусиран на локалната гастрономија. Обуката е поддржана од европската програма i-Portunus, информираат од ХАЕМУС.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.