Форман не асоцира на пролетта заради политичката пролет 1968 година во некогашна Чехословачка или само заради чешкиот „нов бран“ во филмот. Форман бил круцијален протагонист на тој „нов бран“ со неговите рани дела, во кои мајсторски го спојува документарното и играното, создавајќи посебен сензибилитет. Роден во 1932 година, во гратчето Часлав, како Јан Томас Форман, ги изгубил родителите  Ана и Рудолф во нацистичките концентрациони логори Аушвиц и Бухенвалд бидејќи имале еврејско потекло. Во средината на 1950-тите години Милош Форман студира сценарио на прочуената филмска школа ФАМУ, каде што дипломира во 1957, а потоа си го пробива патот во чешката кинематографија, работејќи на разни позиции.

Кинотеката прикажа поголем дел од неговата филмографија, и тој избор ги опфаќа неговите луцидни пионерски чекори во среднометражниот КОНКУРС (Konkurs / Audition, 1964), потоа ЦРН ПЕТАР (Černý Petr / Black Peter, 1964), ВЉУБЕНАТА РУСОКОСА (Lásky jedné plavovlásky / A Blonde in Love, 1965) и ГОРИ, МОЈА ГОСПОЃИЦЕ (Horí, má panenko / The Firemen’s Ball, 1967), неговиот последен чехословачки наслов пред заминувањето во САД. Наградите и признанијата што ги добива Форман за овие дела само ја отсликуваат свежината што чехословачката и европската кинематографија ја добија со тој „нов бран“, па не чуди што на два пати го освојуваат „Оскарот“ за најдобар странски филм – Јан Кадар и Елмар Клос со ПРОДАВНИЦАТА НА КОРЗОТО (1965) и Јиржи Менцл со СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ (1967), а Форман бил номиниран за оваа награда во 1966 со ВЉУБЕНАТА РУСОКОСА. Видете само каква филмска репрезентација била оваа!

Пролетта не е годишно доба, туку состојба на Формановиот филмски ум, што ќе го пренесе во американските филмови и европските копродукции. Форман ќе го освои првиот од двата „Оскари“ во неговата кариера со ЛЕТ НАД КУКАВИЧЈОТО ГНЕЗДО (One Flew Over the Cuckoo’s Nest) во 1976, по кој следуваат КОСА (Hair, 1979), АМАДЕУС (Amadeus, 1984) и вториот „Оскар“, НАРОДОТ ПРОТИВ ЛАРИ ФЛИНТ (The People vs. Larry Flint, 1996), и последниот игран наслов, ДУХОВИТЕ НА ГОЈА (Goya’s Ghosts, 2006). Форман почина во 2018 во гратчето Денбери, Конектикат, САД, а следната година е промовиран чешкиот документарец ФОРМАН ПРОТИВ ФОРМАН (Forman vs. Forman), кој ќе можете да го видите во оваа ретроспектива на големиот мајстор на филмот.

28 АПРИЛ (ПЕТОК), 20:00 ч.

ДУХОВИТЕ НА ГОЈА

(Goya’s Ghosts)

Игран филм, Шпанија / САД

2006, 113 мин., колор, ДЦП

Режија: Милош Форман (Miloš Forman)

Сценарио: Милош Форман, Жан-Клод Кариер (Miloš Forman, Jean-Claude Carrière)

Улоги: Хавиер Бардем, Натали Портман, Стелан Скарсгард, Ренди Квејд (Javier Bardem, Natalie Portman, Stellan Skarsgård, Randy Quaid)

ДУХОВИТЕ НА ГОЈА го носат последниот режисерски потпис на Форман, и претставува уште една биографска драма, овој пат за славниот сликар Франциско Гоја. Станува збор за приказна видена низ очите на шпанскиот сликар Франциско де Гоја (Стелан Скарскард), а сместена во периодот на укинување на Шпанската инквизиција и окупацијата на Шпанија од страна на Наполеон.

Отец Лоренцо (Хавиер Бардем), таинствен и подмолен член на Инквизацијата кој е заслепен од младата муза на Гоја, Инес (Натали Портман), во моментот кога таа е неправедно обвинета за кривоверство и испратена во затвор, се решава на чинот што ќе им ги обележи животите засекогаш. Инес е обвинета дека проповеда јудаизам и станува трагичен плен на амбициозниот инквизитор, кој нема никакви скрупули кога во прашање е личниот интерес. И копнеж по Инес…

Со монтажен рез Форман нè носи во ерата по француската буржоаска револуција и инвазијата на војската на Наполеон на Шпанија. Кралскиот двор е во распаѓање, на инквизиторите им се суди, и тоа од страна на бивш инквизитор: Лоренцо, кој побегнал во Франција, сега е најголемиот поборник на револуцијата и се користи со истите методи – со насилство. Затворениците на инквизиторите се ослободени, а меѓу нив е и Инес: остарена и полулуда, таа ја бара ќерката која ја родила во затворот пред 15 години.

Овој филм на Форман ги доловува суштината и убавината на делата на Гоја, препознатлив по приказот на кралскиот двор, бруталноста на војната и животот во Шпанија кон крајот на 18 век. Форман ја носел идејата за Гоја уште од 1968 година кога ја напушта Чехословачка по воената интервенција на СССР: теророт секогаш ќе го има, помалку или повеќе, во сите системи. Бакрописите на Гоја со сува игли и акватинта се инспирација за Форман да ја раскаже приказната за историјата што се повторува и суровоста како главна карактеристика во неа.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 150 денари

28 АПРИЛ (ПЕТОК), 18:00 ч.

ЗЛОСТОРСТВОТО Е МОЕ

(Mon crime / The Crime Is Mine)

Игран филм, Франција

2023, 102 мин., колор, ДЦП

Режија: Франсоа Озон (François Ozon)

Сценарио: Жорж Бер, Франсоа Озон, Филип Пјацо (Georges Berr, François Ozon, Philippe Piazzo)

Улоги: Надја Терескиевич, Изабел Ипер, Фабрис Лукини, Дани Бон, Жан-Кристоф Буве, Ребека Мардер, Мишел Фо, Радостина Рољано, Феликс Лефевр (Nadia Tereszkiewicz, Isabelle Huppert, Fabrice Luchini, Dany Boon, Jean-Christophe Bouvet, Rebecca Marder, Michel Fau, Radostina Rogliano, Félix Lefebvre)

 

Париз, 1930 година. Мадлен е убава и млада актерка, но без талент и без пари. Таа е обвинета за убиство на познат продуцент.

Со помош на нејзината најдобра пријателка Полин, млада и невработена адвокатка, Мадлен e ослободена од обвинението за убиство бидејќи истото го сторила во самоодбрана. Започнува нов живот на слава и успех, додека вистината не излезе на виделина…

Главната улога во приказната за лажната престапничка ѝ е доверена на младата француска актерка Надја Терескиевич, која ја доби националната филмска награда „Цезар“ за најдобра улога. Терескиевич го игра ликот на актреката која постојано глуми, за да ја отргне вината од направеното злосторство.

ЗЛОСТОРСТВОТО Е МОЕ на некој начин се надоврзува на претходните филмови ОСУМ ЖЕНИ и ЖЕНА ЗА УКРАС на Франсоа Озон, завршувајќи ја своевидната трилогија на авторот, полна со гламур и хумор, посветена на статусот на жените во општеството.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.