По долго боледување, вчера на 20 март 2023 година, во неговиот дом во Лос Анѓелес (САД) почина актерот Димче Мешковски.

Доајенот на македонското глумиште Димче Мешковски беше вработен во Драмски театар Скопје од 1967 година до неговото пензионирање во 2002 година.

Во творечката биографија на Мешковски се забележани над 100 одиграни улоги со над 6.000 изведби. Широкиот дијапазон и талент на Мешковски го позиционираше како актер што дал немерлив придонес играјќи повеќе театарски жанрови. Од драмскиот опус ги издвојуваме ролјите во претставите: „Смртта на Дантон“, „Балконот“, „Вишновата градина“, „Јане Задрогаз“, „Чернодрински се враќа дома“, „Зојкиниот стан“, „Калигула“, „Ревизор“, „Диво Месо“…).

Наклонетоста кон комедијата му донесе голема популарност преку толкување на ликовите во претставите: „Сомнително лице“, „Солунски патрдии“, „Викенд на мртовци“, „Болва во уво“, „Маратонците го трчаат почесниот круг“. За улогата на Тасе во „Викенд на мртовци“, Димче Мешковски ја доби „Наградата за актерско остварување“ на МТФ  „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Добитник е и на „Наградата за животно дело“ што ја доделува овој наш реномиран театарски фестивал.

Бесценет е ангажманот од неколку стотици ролји во радио-драми, забавните и хумористични емисии меѓу кои „Хихирику“ на Иван Карадак, како и телевизиските серии и емисиите за деца:  „Да видам, да видам што да бидам“, „Тринаесеттиот клуч“, „Семафорот“, „Бајки“, „Училиште за кловнови“, „Големи и мали“, „Наши години“, „Пат кон иднината“, „Илинден“, „Смилевски конгрес“, „Прличев“. Мешковски снимил и голем број народни приказни од овој популарен телевизиски формат.

Димче Мешковски има огромен придонес во развојот на македонската уметност на нахсинхронизација. Стана миленик на детската публика како неповторлив интерпретатор на детските јунаци Попај, Штрумфови, Нинџа желки и многу други.

Комеморацијата за почитуваниот актер Димче Мешковски ќе се одржи во салонот на Драмски театар Скопје на 28 март 2023 година со почеток во 12 часот.

Димче Мешковски е добитник на „Наградата за животно дело“ што ја доделува реномираниот  Македонски театарски фестивал Војдан Чернодрински во Прилеп.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.