Наградата „Прозарт“, што Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ по 11. пат ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, годинава му припадна на словенечкиот писател Драго Јанчар. Станува збор за автор со изострен нерв за современо раскажување и писателска моќ во коишто слика оригинални страници во словенечката и балканската проза. Неговите прозни дела во современата балканска и европска литература се наметнуваат како силен потенцијал во разоткривањето нови стратегии и можности на прозното писмо, стои во образложението за доделување на наградата, во состав Ермис Лафазановски, претседател, Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски, членови.
Освен Јанчар, гости на 11. издание на фестивалот ќе бидат: Владимир Левчев од Бугарија, Тарик Туфан од Турција, Даница Вукичевиќ од Србија, Ренато Баретиќ од Хрватска, Слободан Шијан од Србија и Снежана Младеновска Анѓелков од Македонија.
Како романсиер, раскажувач, драматург и есеист, Драго Јанчар е централна фигура во современата словенечка литература. Неговите романи, есеи и раскази се преведени на 33 јазика и објавени во Европа, Азија и САД. Додека неговите драми, поставени од голем број странски театри, дома се сметаат за најважни настани во словенечката театарска сезона. Јанчар има добиено голем број словенечки и меѓународни книжевни награди, вклучувајќи ја „Прешерновата награда“, највисоката словенечка награда за уметнички достигнувања за 1993 година; четири награди „Кресник“ за најдобар словенечки роман на годината за 1999, 2001, 2011 и 2018 година, како и наградата „Кресник“ за најдобар роман на деценијата во 2020 година; Европската награда за краток расказ, 1994 година; наградата „Хердер“, 2003 година; „Жан Амери“, 2007 година; Европската награда за литература, 2011 година; Наградата за најдобра странска книга, 2014; Австриската државна награда за европска литература, 2020 година и други.
Тарик Туфан е познат романсиер, раскажувач, есеист и сценарист. Има објавено десет книги, вклучувајќи романи и збирки раскази. Негови изданија се: Хор на деца кои пелтечат (2000), Болвите на кралицата (2002), И ти стануваш птица (2004), Сонот Мејал (2007), Еден човек влезе во градот трчајќи ( 2010), Сала за свадби Шанзелизе (2015), Не ми ги давај (2017), Додека паѓа (2018), Изгубени (2020), Доцна (2021), Нема простор за љубовници (2023). Неговите книги се преведени на грчки, бугарски, босански, српски, македонски, албански, грузиски, арапски, азербејџански и романски јазик. Покрај пишувањето за литературни списанија, тој пишува и документарни филмови и сценарија за играни филмови. Освоил награди за сценаријата што ги напишал за филмовите „Погрешна розарија“ на Филмскиот фестивал во Истанбул во 2009 година и „Јозгат блуз“ на Филмскиот фестивал во Адана во 2013 година. Исто така, ја освоил „Специјалната награда на жирито“ на филмскиот фестивал во Венеција во програмата „Хоризонти“ со филмот „Најава“ во кој биле еден од продуцентите.
Владимир Левчев е бугарски поет, писател и вонреден професор по литература и пишување на Американскиот универзитет во Бугарија. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Софија во 1982 година. Неговото незаконски печатено списание „Глас“ било забрането од страна на комунистичките власти пред ноември 1989 година. Тој добил Фулбрајтова стипендија во 1994 година, а магистрирал на програмата за креативно пишување на Американскиот универзитет во Вашингтон во 1996 година. 13 години престојувал и работел како лектор и професор по литература во САД. Објавил четири книги поезија во САД, една во Италија, една во Романија, една во Македонија и 20 книги поезија во Бугарија. Тој е, исто така, автор на три романи и четири книги научно-стручна литературна проза, вклучително и една монографија со наслов „Поезија и музика: Четири квартети“ од Т.С. Елиот. Неговиот роман „Крали Марко: Балканскиот принц“ е преведен и на македонски јазик.
Даница Вукиќевиќ дипломирала компаративна книжевност и теорија на литература и женски студии. Живее и работи во Белград. Нејзини книги се: Како хотел на ветрот (1992); Кога слушнав гласови (1995); Шаманка (2001); Лак и стрела (2006); Премин од еден во друг вид (2007); Високи фабрички оџаци (2012); Раскош и милост (2013); Сè додека ги има Сонцето и Месечината (2015); Јас, Клаудија, (2018); Кога ние, мртвите, се будиме, (2014); книга поезија на германски јазик (превод Матијас Јакоб, избор и предговор Драгослав Дедовиќ) Шаман (2014); книги со кратка проза: На плажите (1998); Животот е горила, (2000); збирката раскази Мајката на превртените нешта, (2017); романот Внатрешно море, (2022). Ги освоила следните награди: ПроФемина; Билјана Јовановиќ; Милица Стојадиновиќ-Србинка; Кондирот на Косовка девојка; наградата НИН.
Пишува и книжевна критика и есеи. Нејзините песни се преведени на шпански, англиски, германски, полски, француски, грчки, македонски, холандски…
Ренато Баретиќ работи периодично како филмски и телевизиски сценарист, новинар; Коосновач е, а од 2007 година и уметнички директор на популарниот фестивал за раскажување приказни „Причигин“ во Сплит, Хрватска. Член е на Хрватското здружение на новинари, хрватскиот ПЕН центар и Друштвото на хрватските писатели; порано бил член на хрватскиот огранок на Менса (IQ 153), но бил исклучен поради нередовно плаќање на претплатата за членство. Негови книги се: Последен допир (2021); Јадран Лазиќ – 50 години фотографија (2021); Следи го срцето низводно, поетски есеи во монографија за хрватската област Сисачко-мославинска жупанија која претрпе последици од разорниот земјотрес во 2020 (2021). Одиме во кино, едукативен водич за училишта, (2019); Маката на малиот волк, сликовница (2015); Сплит за почетници, во коавторство со Ивица Иванишевиќ (2015); Хотел Гранд, роман (2008); финалист на книжевните наградни конкурси на Саемот на книгата во Пула, на Јутарњи лист и Т-портал за соодветната година; преведен и објавен во Украина, Словенија, Македонија и Албанија, а објавен во оригинал во Србија; Зборувај ми за неа (2006); (полуфиналист на литературниот награден конкурс на Јутарњи лист за соодветната година); преведено и објавено во Украина и Македонија; Кому да испратиме разгледници, собрани песни (2005); Кадрови на кадарот, (2005 година); Осмиот повереник, (2003) и други.
Снежана Младеновска Анѓелков дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а магистрирала во 2012 година. Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ и истата потоа доживеа уште три изданија. Во 2014 година ја издаде филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“ посветена на филмовите на режисерот Владимир Блажевски.
Како автор е застапена во тематската збирка раскази „Тивка анестезија“ (2016, Антолог) и во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на Dalkey Archive Press. Нејзиниот втор роман „Молчи со отворена уста“ (2019) беше финалист на наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“. Нејзината најнова книга „Луѓето, а не градот“(2022) е слоевито, хибридно дело, документарна проза, книга посветена на Скопје кое веќе го нема.
Слободан Шијан (1946, Белград) е филмски режисер, сценарист, писател, публицист, сликар и мултимедијален уметник. Автор е на неколку најпопуларни српски играни филмови и низа публикации и книги за филмот и визуелната култура. Автор е на поетската проза за познатиот филм на Алфред Хичкок „Вртоглавица“ во издание на „Геопоетика“. Објавил повеќе книги за филмот, меѓу кои и книгата за Џон Форд. За книгата „Кино Том“ во Хрватска во 2013 ја доби престижната награда на „Јутарњи лист“ за најдобра публицистичка книга. Режисер е на некои од најпознатите филмови од Екс Југославија, како „Кој тоа таму пее“, „Маратонците го трчаат почесниот круг“, „Како бев систематски уништуван од идиот“, „Давител против давител“, „Тајната на манастирската ракија“, „Сироти мали хрчки“ и „С.О.С Спасете ги нашите души“, како и на повеќе телевизиски филмови и преку дваесет експериментални филмови и видеа. Шијан е добитник на многу домашни и меѓународни признанија за своите филмски остварувања. Шијан ја доби и наградата „Традиција на авангардата“ за придонес кон авангардната уметност.
Во рамките на ПРО-ЗА Балкан, годинава се одржува 10. програма Скопје фелоушип, која годинава е дел од меѓународниот проект „Читај, сподели, уживај“. Се реализира во соработка со КУД Содобност од Словенија а ко-финансиранa е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.