Донации на лични фондови на Анте Поповски и на Матеја Матевски ќе бидат промовирани
во НУ Музеј на македонската борба за самостојност на 30 мај 2024, четврток, во 19 часот.
Благодарение на соработката со семејствата Поповски и Матевски, музејот ги збогатува
фондовите со подарени материјали за еминентните претставници на втората генерација македонски книжевници чии дела оставија силен печат врз општествената и културната сцена во втората половина на 20. век.
Промоцијата на донациите – лични фондови на Анте Поповски и на Матеја Матевски ќе биде одржана на 30 мај 2024, четврток, во 19 часот во Музејот на македонската борба за самостојност.
На промоцијата ќе се обратат Ана Китановиќ, в.д. директор и автор, м-р Данијела Трајкова Крстиќ, виш кустос и автор, и претставници на семејството Поповски и Матевски.
Голема благодарност до семејствата за укажаната доверба во Музејот на македонската борба, донирајќи материјали што претставуваат значајно дополнување на музејскиот фонд, велат од Музејот на македонската борба.
Анте Поповски (1931, Лазарополе – 2003, Скопје) е македонски книжевник, поет и есеист,
публицист, сценарист, продуцент, преведувач, општественик и академик. Како член на МАНУ и
Светската академија на поезијата на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО), се профилира како еден од афирматорите на македонска книжевна и културна сцена на национално, но и на меѓународно ниво.
Матеја Матевски (1929, Истанбул, Турција – 2018, Скопје) е значајна личност во македонската современа литература и култура, поет на европската лирика, есеист, новинар, преведувач, литературен и театарски критичар. Истакнат општественик и член на МАНУ од 1970 година со значаен придонес во областа на книжевноста и културата на Македонија.
Активностите се дел од годишната програма на музејот за минатата година, реализирани со
поддршка на Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.