Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција – Скопје, својата светска премиера ќе ја има на 80. издание на филмскиот фестивал во Венеција, што ќе се одржи од 30 август до 9 септември оваа година. „Домаќинство за почетници” ќе биде дел од натпреварувачката програма „Orizzonti“ и ќе биде во конкуренција за наградите за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, специјална награда од жирито и најдобра машка и женска улога.

Третиот долгометражен филм на режисерот Столевски е прво негово македонско мнозинско остварување. Неговиот дебитантски филм „Нема да си сама“ (You won’t be alone) беше премиерно прикажан на Sundance Film Festival во 2022 година, а истата година, неговиот втор филм “Доволно возрасни” (Of an Age) го отвори Melbourne International Film Festival. „Домаќинство за почетници” е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, а продуцент на филмот е Марија Димитрова од Лист продукција – Скопје.

Многу ме радува тоа што со продуцентката Марија Димитрова се враќаме токму во Венеција, каде што за прв пат концептот за „Домаќинство за почетници“ го развивме во работилницата на Биенале Колеџ Синема во 2019. Во меѓувреме имавме прекрасно креативно искуство и створивме безброј убави спомени со нашата неуморна, феноменална екипа составена од ценети ветерани и возбудливи дебитанти. Мило ми е што сите емоции кои заедно ги вложивме во снимањето се најдоа и во завршениот филм, од кој бескрајно се гордеам, вели режисерот Горан Столевски.

Директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски ја нагласи исклучителната важност на повторното учество на еден македонски филм на фестивалот во Венеција.

Еден од најголемите амбасадори на македонската култура е македонскиот филм. Тој продолжува да ниже успеси и да биде рамо до рамо со европскиот и со светскиот филм. По многу години, Македонија лани со мнозински филм се врати во официјалната селекција на фестивалот во Венеција. Ако некој од јавноста или филмскиот свет помисли дека тоа беше случајност, морам да го разочарам, бидејќи оваа година македонски мнозински филм финансиран од Агенцијата за филм повторно е дел од најстариот фестивал. Ова на некој начин претставува куриозитет не само за Македонија, туку и за поразвиените европски држави, две години по ред да имаат свој филм во официјалната конкуренција на Венеција. Се надевам ќе успееме да освоиме значајни награди на најстариот филсмки фестивал во светот, истакна Лазаревски на денешната прес-конференција.

Филмската приказна на Столевски се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.

4220_D001_4654 _R
Dzada Selim stars as Mia and Anamaria Marinca as Dita in director Goran Stolevski’s HOUSEKEEPING FOR BEGINNERS, a Focus Features release.
Credit: Viktor Irvin Ivanov / © 2023 FOCUS FEATURES LLC

Главните улоги во филмот ги толкуваат: Ана Мариа Маринка (позната по филмот “4 месеци 3 недели 2 дена” (2007) на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово и многу други професионални и непрофесионални актери од Македонија. Снимањето на филмот се одвиваше во јули 2022 година во Скопје, а додека пост-продукцијата се работеше на релација Европа – Австралија и тоа во Мелбурн, Аделаида, Гетеборг и Варшава.

Македонски автори кои работеа на филмот се Горан Столевски, кој покрај тоа што е режисер, се појавува и во улога на сценарист и монтажер, Наум Доксевски – директор на фотографија, Роза Трајческа Ристовска – костимограф, Александара Чевреска – арт директор и Горан Игњатовски – маскер. Покрај нив, авторската екипа на филмот ја сочинуваат: Ана Жежничек од Полска како сценограф, Леонора Мехмети Хоџа од Косово како дополнителен маскер, Ален Синкауз и Ненад Синкауз од Хрватска како композитори, Зоран Максимовиќ од Србија како снимател на тон и Ема Бортињон од Австралија како дизајнер на звук.

Филмот, дополнително е поддржан и од Полскиот филмски институт, Филмскиот центар на Србија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Косовскиот кинематографски центар. Останатите партнери се: Мадантс (Полска), Кинорама (Хрватска), Сенс Продукција (Србија), Индустриа Филм (Косово), Танго (Америка), Филм-и-Васт и Комон Граунд Пикчерс (Шведска), Козаверј Филм и Аделаида Филм Фестивал (Австралија). New Europe Film Sales од Полска ги има светските права за продажба на филмот.

Филмскиот фестивал во Венеција е најстариот фестивал во светот и е дел од петтте најзначајни фестивали во светот од А категорија, заедно со фестивалите во Кан, Берлин, Торонто и Санденс. Ова е четврто претставување на македонски автор на овој фестивал, по „Пред дождот“ во 1994 и „Прашина“ во 2001 на Милчо Манчевски, „Судијата“ во 2002 на Жанета Вангели и „Најсреќниот човек на светот“ во 2022 на Теона Стругар Митевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.