Во книжарницата „Литература.мк“ вечер ќе се одржи свеченото доделување на наградата „Пегаз“ за 2023 година и промоцијата на победничкиот роман – „Риба во(н) мрежа“ од авторката Јована Матевска Атанасова.

На петтиот конкурс за наградата за најдобар необјавен роман на годината „Пегаз“, што ја организира издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, се пријавиле и учествувале 36 ракописи. Покрај победничкиот роман, жири-комисијата ги разгледала во најтесниот избор и ракописите „Страшни приказни“ од Сузана Камберова, „Неочекувано“ од Ана Мовска (псевдоним) и „Интервенција“ од Игор Рамдедов, за кои наведе дека се издвоиле од мноштвото по оригиналноста на содржината и по стилската изведба.

Како што информираат од издавачката куќа „Арс Ламина“, на доделувањето на наградата за најдобар необјавен роман ќе се обрати жирито во состав од Николина Андова Шопова, писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2018 година, Ивана Трајаноска, писателка и универзитетска професорка, и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“.

„Риба во(н) мрежа“ е роман за млади, кој на хумористичен начин им пристапува на темите што ги допираат современите тинејџери, нивната зависност од мобилните уреди, мултилингвалноста како феномен на Генерацијата З и нивната зачуденост пред реалниот свет.

Според жирито, „Риба во(н) мрежа“ се приближува до светските трендови за пишување литература за млади и би можел да го поттикне односниот жанр во македонската културна средина и да постави одреден стандард на кој би се надоврзале идните автори на литература за млади.

Јована Матевска Атанасова е родена во 1991 година во Битола. По професија е дипломиран и лиценциран психолог. Досега објавила осум книги: романот „Тамбовските снегови“ (2015), е-романот „Писмата во библиотеката“ (2016), кој е дел од наградените книги на Фондацијата „Македоника“ и УНЕСКО за воведување млади автори во дигиталното издаваштво, психолошкиот прирачник „Јас во суперлаТИв“ (2021); збирката раскази „Гладоморје“ (2021) и збирката раскази „Три во тринаесет“, за која ја доби наградата „Книжевен круг за проза“ за 2022 година, од друштвото на писатели Битолски книжевен круг и сликовниците „Бунтот на бројките“ (2023) и „Шарени ириси“ (2024), која е адаптирана и на Брајово писмо, за слепи лица и лица со оштетен вид.

Добитник е и на повеќе награди за кратки раскази: две откупни награди на конкурсите за краток расказ распишани од дневниот весник „Нова Македонија“ во 2015 и 2016 година, двоен лауреат е на наградата „Живко Чинго“ за 2020 (расказот „Гладоморје“) и 2021 година (расказот „Пура во Осака“), а во 2022 година ја добива првата награда на конкурсот за краток расказ распишан од Фондот на холокаустот, „Раскажи фотографија“.

За романот „Риба во(н) мрежа“, нејзиното осмо дело, ја добива наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2023 година. Нејзините раскази се преведени на англиски, српски и албански јазик, застапени во повеќејазични збирки и антологии. Пишува и книжевни и театарски рецензии.

Во меѓувреме е распишан конкурсот за наградата за 2024 година, кој ќе биде отворен до 1 јули. За наградата „Пегаз“ може да се конкурира со необјавени романи (ракописи), за возрасни или за деца, што ќе ги достават самите автори на електронската пошта [email protected], како ворд или ПДФ-документ. Добитникот на наградата ќе биде објавен на 2 септември 2024 година. Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.