Доајенот на Народниот театар од Битола, актерот Борис Чоревски е годишнешниот добитник на највисокото општинско признание, наградата „4 Ноември“ за животно дело. Наградата „4 Ноември“ Општина Битола ја доделува по повод Денот на ослободувањето од фашистичката окупација.

Борис Чоревски е роден во Скопје на 15 септември 1949 година. Основно и средно образование завршил во Битола, а дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје на отсекот за глумечка игра. На сцената на Народниот театар од Битола настапувал од раната младост, статирајќи и играјќи епизодни улоги. Како младинец ја освоил наградата за најдобра машка улога за ликот на Хенри во претставата „Незакопани мртовци“ од Жан Пол Сартр на Сојузниот натпревар на аматерите од поранешна СФР Југославија во Хвар. По дипломирањето во 1975 година се вработил во Народниот театар во Битола каде остварил преку 100 улоги. Како гостин настапувал во театрите во Прилеп, Штип, Струмица и во Скопје Македонски народен театар и Драмски театар.

Во својот глумечки живот остварил повеќе од 100 театарски улоги, како и редица филмски улоги.

Има остварено над 20 филмски улоги и 15 телевизиски серии. Има остварено главна улога во филмовите Трговецот од Солун на Душан Наумовски, Црвениот коњ на Столе Попов, Прва вечер на Димитрие Османли, Јавачи на ветрот, Прашина и Мајки на Милчо Манчевски. Играл и во сериите: Илинден, Девојките на Марко на Димитар Христов, Битолски лакрдии, Втора смена, Големи и мали, Трето па машко на Душан Наумовски, Црвениот поет. Учествувал и во турските серии кој се снимени во Македонија, Збогум, Румелија и Минатото лето на Балканот во режија на Сердар Акар.

Наградата ќе му биде врачена на свечената академија која ќе се  одржи на 4-ти ноември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.